ФЗОМ ГО МЕНУВА БОЛЕДУВАЊЕТО Од седум на пет дена, но не и крај на боледувањето
Матичниот лекар и понатаму останува надлежен до 15 дена, а Фондот воведува низа олеснувања за пациентите и лекарите.

Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување денеска ги усвои измените на Правилникот со кој се уредуваат критериумите за утврдување привремена спреченост за работа.
Од ФЗОМ појаснуваат дека со измените не се скратува правото на боледување, ниту се ограничува неговото времетраење доколку за тоа постои медицинска потреба.
Матичниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена, додека за период подолг од 15 дена одлучува лекарската комисија на Фондот.
Промената од седум на пет дена се однесува на периодот по кој, доколку здравствената состојба не се подобри и постои потреба од продолжување на боледувањето, се применуваат медицинските критериуми предвидени за конкретната дијагноза.
„Промената од седум на пет дена не значи дека боледувањето завршува на петтиот ден“, појаснуваат од ФЗОМ, нагласувајќи дека границата од 15 дена во надлежност на матичниот лекар останува непроменета.
Со новите правила се предвидени и низа олеснувања за осигурениците и матичните лекари, со цел да се намалат административните постапки и непотребното движење на пациентите низ здравствениот систем.
За дел од дијагнозите пациентите нема да мора да бидат упатувани на лабораториски испитувања, туку проценката ќе може да ја направи матичниот лекар. Кај други дијагнози се проширува временската рамка предвидена со медицинските критериуми.
По истекот на 15 дена, предлогот за привремена спреченост за работа матичниот лекар ќе го доставува електронски, наместо преку досегашната рачна постапка.
Се прошируваат и случаите во кои боледувањето ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот, особено кај тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, лица на болничко лекување и во други оправдани случаи.
Кај хроничните заболувања ќе може да се користат веќе постојните дијагностички наоди, доколку се во рокот на важност, без непотребно повторување на испитувањата.
Правилникот ги прецизира и условите за ретроактивно утврдување на боледувањето во оправдани случаи, вклучително и по завршено болничко лекување.
За бремените жени и доилките се предвидува олеснување во однос на радиодијагностичките испитувања со јонизирачко зрачење, кога здравствената состојба е соодветно потврдена со специјалистички извештај.
Кај определени тешки заболувања, пак, се предвидуваат исклучоци од обврската за конзилијарно мислење при боледувања подолги од 60 дена.
Од ФЗОМ велат дека новите решенија се резултат на повеќемесечна стручна работа и анализа на постојните критериуми, од кои значаен дел датираат уште од 2012 година.
Во текот на работата на Управниот одбор дополнително биле разгледани и разјаснети прашањата отворени од членовите, со цел одлуката да биде донесена врз основа на целосно согледување на предложените измени.

