ФОН ДЕР ЛАЈЕН СТИГНА ВО СКОПЈЕ Што ќе донесе посетата на шефицата на ЕК?
Средбите со Мицкоски и владините претставници во фокусот, со пораки за реформите и европскиот пат на Македонија.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пристигна во Скопје во рамки на посетата на Северна Македонија, каде што ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски, првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Посетата е во знак на продолжување на дијалогот и соработката меѓу Северна Македонија и Европската Унија, со фокус на реформите и европската интеграција на земјата.
Од кабинетот на министерот за европски прашања посочија дека посетата претставува можност за дополнително зајакнување на соработката со ЕУ и унапредување на европската перспектива на Северна Македонија.
„Посветеноста на реформите и на конкретните чекори во процесот на европска интеграција останува приоритет, со цел остварување видливи придобивки за граѓаните“, соопштија од кабинетот на Сали.
Муцунски, кој претходно ја пречека фон дер Лајен на скопскиот аеродром, преку објава на „Фејсбук“ истакна дека нејзината посета е „силна потврда за европската ориентација“ на земјата.
Шефот на дипломатијата ја нагласи и посветеноста на Владата на реформските процеси, усогласеноста со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и определбата за напредок во европската интеграција.

