ФИЛИПЧЕ ЗАДОВОЛЕН ОД КОНГРЕСОТ – Ќе се разгледаат сите критики во партиските органи

Филипче информира дека е изгласана доверба за сите партиски тела и органи согласно Статутот

ФИЛИПЧЕ ЗАДОВОЛЕН ОД КОНГРЕСОТ – Ќе се разгледаат сите критики во партиските органи
Фото: Национал

На 31. Конгрес на СДСМ, во работниот дел кој беше затворен за јавноста, беше усвоен Извештајот за локалните избори одржани минатата година, а доверба добија и партиските тела и органи, соопшти по конгресот лидерот на партијата, Венко Филипче.

„Од формален аспект, Конгресот беше успешен. Беше усвоен Извештајот за локалните избори во 2025 година и беше изгласана доверба на сите партиски тела за кои, согласно Статутот, денеска требаше да се гласа – заменик-претседателката на партијата, како и Централниот и Извршниот одбор“, изјави Филипче.

Тој оцени дека Конгресот бил успешен и од аспект на дискусијата, предлозите, советите, забелешките и критиките.

„Имавме одлична дебата, со голем број дискутанти. Секое мислење беше конструктивно и добронамерно и критиките и пофалбите“, рече Филипче.

Според него, сите изнесени ставови и предлози ќе бидат дополнително разгледани на наредните седници на Извршниот и Централниот одбор, со цел да се утврди дали има потреба од дополнителни измени на Статутот, особено во делот на креирањето на политиките и начинот на функционирање на партијата.

„Јас сум многу задоволен од денешниот Конгрес“, нагласи Филипче.

На новинарско прашање дали на Конгресот се разговарало и за забелешките и незадоволството што дел од членството го искажува кон партиското раководство, Филипче потврди дека таа тема била дел од дискусиите.

„Се зборуваше и за тоа, како и за разочараноста кај голем број наши членови, симпатизери и поддржувачи, кои без никаков личен бенефит ја поддржувале партијата и поранешните функционери и пред, за време и по нивните мандати. Тоа се искрени и чесни членови и за сите тие аспекти отворено се дискутираше“, истакна Филипче.

CATEGORIES
Share This