ПО 19 ГОДИНИ СЕ МЕНУВА СÈ Новите правила за горивата носат построги контроли и поголема сигурност за возачите

По речиси две децении се воведуваат нови стандарди за квалитет на течните горива, со построги контроли, поголема заштита на потрошувачите и фер услови за сите компании.

ПО 19 ГОДИНИ СЕ МЕНУВА СÈ Новите правила за горивата носат построги контроли и поголема сигурност за возачите
Фото: Принтскрин

По речиси две децении, Македонија доби нова Уредба за квалитет на течните горива, која стапи во сила и ги заменува досегашните правила што беа во примена речиси 19 години. Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) велат дека со новата регулатива се воведуваат повисоки стандарди за квалитет на горивата, подобра заштита на потрошувачите, еднакви услови за сите компании и поуреден домашен пазар.

Уредбата е донесена врз основа на член 257 став (1) од новиот Закон за енергетика, по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, и претставува значајна модернизација на законската рамка во оваа област.

Со новите правила прецизно се дефинираат видовите и карактеристиките на течните горива што можат да се продаваат на домашниот пазар, начинот на проверка и утврдување на нивниот квалитет, постапките за контрола, како и обврските на сите учесници во синџирот – од трговците со сурова нафта и нафтени деривати до дистрибутерите на горива за транспорт.

Од МЕРМС посочуваат дека една од најважните придобивки е воспоставувањето еднакви правила за сите компании, со што се ограничува можноста за злоупотреби и нелојална конкуренција, а фирмите кои работат согласно законските прописи добиваат пофер и попредвидлива деловна средина.

„Со новата уредба се воспоставуваат јасни и современи правила за тоа какви течни горива може да се пласираат на домашниот пазар, како се утврдува нивниот квалитет и како ќе се следи неговото почитување. За граѓаните, ова значи поголема сигурност дека горивата што ги користат ќе ги исполнуваат пропишаните стандарди за квалитет, а преку јасно утврдени правила и механизми за контрола дополнително се зајакнува заштитата на потрошувачите“, соопшти Министерството.

Според Министерството, примената на повисоки стандарди за квалитет на течните горива ќе придонесе и за намалување на штетните емисии, што ќе има позитивно влијание врз животната средина и ќе претставува важен чекор кон поодржлив и помодерен енергетски сектор.

CATEGORIES
Share This