ЕВРОТО ДОБИВА НОВО ЛИЦЕ – ЕЦБ претстави 10 предлози за новите банкноти, граѓаните одлучуваат

По повеќе од две децении, евробанкнотите ќе добијат целосно нов изглед, а граѓаните низ Европа ќе можат да го дадат своето мислење во јавната анкета.

ЕВРОТО ДОБИВА НОВО ЛИЦЕ – ЕЦБ претстави 10 предлози за новите банкноти, граѓаните одлучуваат
Фото: Принтскрин

Европската централна банка (ЕЦБ) ги претстави десетте дизајнерски решенија кои влегоа во потесниот избор за новата серија евробанкноти, а воедно ја започна и јавната анкета преку која граѓаните ќе можат да го дадат своето мислење. Предлозите се изработени околу две теми – „Европска култура“ и „Реки и птици“. Јавната онлајн анкета ќе биде отворена до 21 септември 2026 година.

„Евробанкнотите се многу повеќе од средство за плаќање – тие се еден од најпрепознатливите симболи на Европа“, изјави претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард.

Таа нагласи дека новиот изглед треба дополнително да го зајакне чувството на заеднички европски идентитет.

Десетте финални предлози беа избрани по конкурс на ниво на Европската Унија, на кој пристигнале повеќе од 1.200 пријави од графички дизајнери. Од нив, 25 автори биле поканети да подготват конкретни решенија, по што независно жири составено од 21 експерт ги избрало десетте финалисти. Покрај јавната анкета, независна истражувачка компанија ќе спроведе и дополнително истражување меѓу репрезентативен примерок граѓани од еврозоната.

Конечната одлука за изгледот на новите евробанкноти се очекува да ја донесе Управниот совет на ЕЦБ кон крајот на 2026 година. При изборот ќе се земат предвид оценките на жирито, техничките анализи, како и резултатите од двете истражувања. По изборот, победничкиот дизајн ќе биде дополнително разработен и тестиран пред да започне производството. Новите банкноти се очекува да бидат пуштени во оптек во следните години. Дотогаш, постојните евробанкноти ќе останат во употреба и ќе ја задржат својата вредност. Станува збор за прв целосен редизајн на евробанкнотите откако валутата беше воведена во 2002 година.

Новата серија ќе има и унапредени безбедносни карактеристики, со кои полесно ќе се препознаваат фалсификуваните банкноти. Предвидени се и решенија за поголема пристапност за лицата со оштетен вид, како и користење поодржливи материјали и производствени процеси со цел да се намали влијанието врз животната средина.

CATEGORIES
Share This