ЕВРОПРАТЕНИЦИТЕ ПОДЕЛЕНИ ЗА ВЕТОТО Ќе се менуваат ли правилата за проширување на ЕУ

Дел бараат задржување на едногласноста за клучните одлуки, други предупредуваат против злоупотреба на ветото, а Кос порача: „Билатералните спорови не се дел од проширувањето“.

ЕВРОПРАТЕНИЦИТЕ ПОДЕЛЕНИ ЗА ВЕТОТО Ќе се менуваат ли правилата за проширување на ЕУ
Фото: Принтскрин

Европратениците имаат поделени ставови за можноста одлуките во процесот на проширување на Европската Унија да се носат со двотретинско гласање, како и за ограничување на правото на вето кога станува збор за билатерални спорови.

Во дебатата беа изнесени различни позиции. Дел од европратениците сметаат дека едногласноста треба да остане задолжителна за клучните одлуки, пред сè за започнувањето на преговорите и приемот на нова членка. Според нив, преминот кон квалификувано мнозинство не треба да се воведува избрзано.

Други европратеници, пак, оценија дека ветото не смее да се злоупотребува и дека за одредени одлуки во пристапниот процес е потребен поефикасен систем на одлучување.

Во расправата беше посочено дека едногласноста е важна за почетокот на преговорите и за приемот на нова членка, но дека не треба да се применува за секој меѓучекор, како што е отворањето кластери.

Од друга страна, беше предупредено дека замената на едногласноста со квалификувано мнозинство би била прерана и дека не треба да се брза со прием на кандидати кои не се доволно подготвени.

Во контекст на подготвеноста на кандидатите беше спомната и Македонија. Во дебатата беше изнесена забелешка за состојбата со човековите права во земјата, со оценка дека и овие прашања треба да бидат земени предвид во процесот на пристапување.

Истовремено, дел од европратениците нагласија дека не се залагаат за укинување на правото на вето, туку за спречување на неговата злоупотреба.

„И јас сум за едногласност, но не и да се злоупотребува. Не сакаме да го укинеме, туку за да бидеме поефективни за некои одлуки, членките ќе дискутираат да гласаат со мнозинство“, беше истакнато во дебатата.

Еврокомесарката Марта Кос, пак, порача дека билатералните спорови не треба да бидат дел од процесот на проширување.

Според неа, овие прашања „немаат ништо заедничко со проширувањето и треба да се решаваат билатерално“.

Во расправата беа изразени и забелешки за различниот третман на земјите кандидатки. Дел од европратениците оценија дека некои земји се третираат како лидери во процесот, додека за други се предлага постепена интеграција, која, според нив, „не е иста за сите“.

На тоа беше одговорено дека земјите кандидати немаат исто ниво на подготвеност во сите области и дека токму затоа интеграцијата би можела да се одвива различно по сектори.

Како пример беше наведено дека Украина би можела побрзо да се интегрира во областите во кои е понапредна, особено во безбедноста, додека други кандидатки може да бидат посоодветни за побрзо приклучување кон одредени европски политики, како што е еколошкиот пакет.

Според најавите изнесени во дебатата, новата стратегија за проширување треба да биде разгледана и усвоена од земјите членки на претстојниот состанок на Советот на ЕУ.

CATEGORIES
TAGS
Share This