ЕРИКСЕН ПОВТОРНО ВО ВОЛФСБУРГ Данецот направи нов чекор кон враќање на теренот
Неговото појавување меѓу соиграчите е позитивен сигнал, но сè уште нема датум за камбекот на 34-годишниот фудбалер.

Кристијан Ериксен направи нов чекор во процесот на закрепнување, откако се појави во тренинг-центарот на Волфсбург за првпат по здравствените проблеми што ги имаше во јуни.
Искусниот дански играч за врска присуствуваше на пријателскиот натпревар против холандскиот Телстар, кој го следеше од клупата. Од германскиот клуб соопштија дека посетата на Ериксен била планирана и порано, но поради организациски причини била одложена.
По краткиот престој во Германија, Ериксен се вратил во Данска, каде што продолжува со индивидуална програма за рехабилитација.
Данскиот репрезентативец во јуни доживеа здравствен инцидент за време на пријателскиот натпревар против Украина. Случајот повторно потсети на драматичниот момент од Европското првенство во 2021 година, кога Ериксен доживеа срцев удар на натпреварот против Финска.
Неговото повторно појавување во клупската средина се толкува како позитивен сигнал во процесот на закрепнување, иако сè уште нема конкретна информација кога 34-годишниот фудбалер би можел повторно да се врати на теренот.
„Убаво е повторно да бидам со тимот, дури и накратко, да видам познати лица и да запознаам нови луѓе. Многу ми значеше разговорот со играчите и луѓето од клубот. Бев навистина среќен и поради топлите зборови и поддршката од навивачите. Им посакувам на момците успешен почеток на сезоната“, изјави Ериксен.
Неговиот процес на закрепнување ќе продолжи со индивидуална програма и под надзор на медицинскиот тим. Во меѓувреме, Волфсбург се подготвува за настап во Втората Бундеслига, откако минатата сезона испадна од германската елита.
Засега останува отворено прашањето кога Ериксен повторно ќе може да истрча на терен, но неговото враќање во клубот е нов позитивен сигнал во тој процес.

