ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА Муцунски да не ја пропушти историската шанса во Блед

Единствена Македонија го повикува Муцунски престојот во Блед да го искористи за афирмирање на Бледските спогодби и историското значење на македонското национално прашање.

ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА Муцунски да не ја пропушти историската шанса во Блед
Фото: Единствена Македонија

Јавноста е информирана дека министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска и утре престојува во Блед, Словенија, каде учествува на форум со министри и претставници на меѓународни организации, посветен на безбедноста, регионалната поврзаност и процесот на европското проширување.

Единствена Македонија посочува дека за Македонија Блед не е само место за дипломатски средби. Блед е историско место од исклучително значење за македонското национално прашање.

Од партијата потсетуваат дека на 1 август 1947 година, на Блед биле склучени т.н. Бледски спогодби меѓу Јосип Броз Тито и Георги Димитров, кои, според партијата, имаат особено значење за Македонија, македонскиот народ и Македонците во Пиринска Македонија.

Единствена Македонија го повикува Муцунски да ги запознае своите меѓународни соговорници со Бледските спогодби и да ја искористи нивната симболика како основа за промовирање на рамноправни и трајни односи меѓу Македонија и Бугарија.

Од партијата предлагаат македонската делегација, со помош на словенечките домаќини, да излобира учесниците да ја посетат просторијата или местото каде што пред 79 години биле договорени спогодбите.

„Ова би била силна порака дека Македонија ја почитува својата историја и знае да ги афирмира своите национални интереси пред меѓународната јавност. Блед не е само форум. Блед е историско место“, велат од Единствена Македонија.

Партијата смета дека решенијата и духот на Бледската конференција од 1947 година можат да послужат како модел за надминување на македонско-бугарските спорови и за градење трајно пријателство и соработка меѓу двата народа.

„Единствена Македонија верува дека македонската делегација ќе ја зграпчи оваа историска шанса. Историјата не треба да се премолчува – таа треба да биде основа за иднината“, се наведува во соопштението.

CATEGORIES
TAGS
Share This