СИЉАНОВСКА ДАВКОВА ДО ПРВАЧИЊАТА Нема подобра инвестиција од онаа во знаењето

Претседателката им порача на најмладите да бидат љубопитни, критични и да се стремат кон знаење, а не само кон оценки.

СИЉАНОВСКА ДАВКОВА ДО ПРВАЧИЊАТА Нема подобра инвестиција од онаа во знаењето
Фото: Принтскрин

Претседателката Сиљановска-Давкова Гордана денеска присуствуваше на првиот училишен час за првачињата во ОУ „Св. Климент Охридски“, заедно со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Обраќајќи им се на учениците, претседателката ги охрабри да бидат љубопитни, да поставуваат прашања и постојано да учат. Според неа, знаењето е највредната инвестиција во себе, стекнатото знаење ќе им помогне да бидат посамостојни, потолерантни и подобро да го разбираат светот околу себе.знаењето е највредната инвестиција во себе.

„Колку повеќе ќе знаете, толку повеќе ќе разбирате, толку ќе бидете потолерантни и посамостојни. Затоа инвестирајте во себе. Знаењето е највредната инвестиција. Нема подобар пријател од книгата“, им порача Сиљановска-Давкова на првачињата.

Таа ги повика најмладите да не се стремат само кон добри оценки, туку пред сè кон вистинско знаење и успех. Им порача да бидат критични, да ја негуваат љубопитноста и да градат добри односи со своите соученици и наставници.

Посебно се осврна и на потребата од создавање безбедна училишна средина, повикувајќи ги децата да го избегнуваат насилството и да ги градат односите врз основа на другарство и меѓусебно почитување.

„Бегајте од насилството. Бидете другари со наставниците и развивајте другарство со учениците“, нагласи претседателката.

Сиљановска-Давкова, која е родена во Охрид, сподели и лична желба поврзана со училиштето, истакнувајќи дека би сакала повторно да се врати во детството и да се запише во училиште со таков амбиент и резултати.

Зборувајќи за образованието, таа ја истакна и важноста на учителската професија.

„Нема подобра работа од учителската“, рече претседателката.

Таа им посака на првачињата успешни училишни денови исполнети со знаење, прашања, одговори и нови пријателства.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, порача дека првиот училишен ден е посебен момент во животот на секое дете. Тој им посака успех на најмладите, нагласувајќи дека во училиштето, покрај читањето и пишувањето, ќе научат и колку се важни другарството, почитувањето и меѓусебната помош.

CATEGORIES
Share This