МУЦУНСКИ ОД БЛЕД Проширувањето на ЕУ мора да биде стратешка, а не бирократска одлука

Муцунски порача дека е потребна политичка волја за забрзување на европската интеграција, а напредокот на земјите кандидати да се вреднува според заслугите и усогласеноста со политиките на ЕУ.

МУЦУНСКИ ОД БЛЕД Проширувањето на ЕУ мора да биде стратешка, а не бирократска одлука
Фото: Принтскрин

Членството во Европската Унија и НАТО е од клучно значење за безбедноста, стабилноста и отпорноста на Западен Балкан, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски од Бледскиот стратешки форум.

Говорејќи на министерската сесија „Геополитички превирања: Централна и Југоисточна Европа во свет на коридори, безбедност и проширување“, Муцунски оцени дека Европската Унија има можност да го врати кредибилитетот на политиката на проширување доколку кон процесот пристапи стратешки, а не само бирократски.

Според него, за забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан е потребна јасна политичка волја, каква што, како што посочи, била присутна во претходните бранови на проширување.

„Сега е вистинското време таа политичка волја повторно да се воспостави“, порача Муцунски.

Тој нагласи дека напредокот на земјите кандидати треба да се оценува според заслугите, реформите и усогласеноста со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

„Доколку Европа сака да зборува со јазикот на геополитиката, тогаш проширувањето не може да го гледа низ логиката на бирократијата. Потребна е стратешка визија. Кога земјите кандидати постигнуваат напредок и се целосно усогласени со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, тој напредок мора да биде видлив“, истакна министерот.

Муцунски порача и дека европската интеграција треба да значи трансформација на институциите и унапредување на стандардите, а не промена на идентитетите.

„Нашето барање е јасно и европската интеграција да биде модел за трансформација на нашите институции, а не обид за трансформација на нашите идентитети. Оценувајте нè врз основа на заслугите и според тоа дали, во време на геополитички превирања, сме усогласени со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија“, порача Муцунски.

Во делот посветен на безбедноста, министерот ја истакна важноста на членството во НАТО, особено преку размената на информации, заедничките политики за отпорност и механизмите за одвраќање. Сепак, предупреди дека безбедносните ризици во регионот остануваат присутни.

Како дел од предизвиците ги посочи руската агресија врз Украина, активностите и влијанието на Кина и Иран, како и конвенционалните и неконвенционалните закани, меѓу кои сајбер-влијанието и економската принуда.

Посебно внимание Муцунски посвети на стратешкото значење на Коридорите VIII и X, нагласувајќи дека Северна Македонија е единствената земја во регионот каде што се вкрстуваат двата коридора.

„Нашата отпорност е силна онолку колку што е силна нашата инфраструктура“, порача министерот, истакнувајќи дека развојот на транспортната и енергетската инфраструктура има директно значење за економската, политичката и безбедносната отпорност на земјата и регионот.

Тој оцени дека инфраструктурните инвестиции и регионалното поврзување мора да бидат проследени со јасна политичка инвестиција во проширувањето на ЕУ.

„Вистинска пресвртница би било неколку земји од регионот да станат членки на Европската Унија. Тоа би било доказ дека термините ‘моментум’ и ‘прозорец на можности’, кои ги слушаме веќе неколку години, конечно се целосно разбрани и сфатени“, нагласи Муцунски.

Според него, од Брисел пристигнуваат охрабрувачки сигнали за нов пристап кон политиката на проширување, прилагоден на актуелниот геополитички контекст.

На форумот зборуваше и словенечкиот министер за надворешни работи Тоне Кајзер, кој повика Европската Унија да биде попрагматична и да го забрза процесот на проширување. Тој предупреди дека натамошното одложување може дополнително да ја ослаби позицијата на Унијата на Западен Балкан.

Муцунски го истакна и примерот на Словенија и Хрватска, оценувајќи дека нивните денешни односи покажуваат дека и покрај предизвиците од минатото, можно е градење силна регионална соработка. Според него, нивното искуство може да биде важен пример и поддршка за земјите од Западен Балкан во јакнењето на регионалната отпорност и соработка.

ШТО СЕ ПОДГОТВУВА ВО БЛЕД Муцунски на маса со регионалните и европските дипломати

 

CATEGORIES
Share This