Единствена Македонија: Македонските партии повикани на единство, писмо до Радев за клучното прашање
Партијата ги повикува ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, заедно со останатите политички субјекти, да испратат заедничко писмо до Румен Радев со јасно прашање – дали уставните измени се последниот бугарски услов за евроинтеграциите.

Во изминатите денови значително се разјаснија позициите во однос на европскиот пат на Македонија.
Од бугарска страна беше јасно повторено дека услов за продолжување на евроинтегративниот процес останува почитувањето на договореното, односно внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав. Во исто време, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека преговарачката рамка за членство на Македонија во Европската Унија не може да се измени без согласност од сите земји-членки.
Единствена Македонија, како политичка партија која доследно се залага за заштита на националните интереси, потсетува на својот долгогодишен став – поддршка за членство во Европската Унија, но не по секоја цена. Нашата определба е Македонија да стане членка на Унијата како држава на македонскиот народ, со зачуван национален идентитет, а не по цена на нови политички условувања.
Убедени сме дека ваквиот став го делат и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како најголеми македонски политички партии.
Затоа, апелираме до ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и до сите македонски политички партии заеднички да упатат писмо до бугарскиот претседател Румен Радев, со едноставно и јасно прашање: Дали внесувањето на Бугарите во Уставот е последното барање на Бугарија во процесот на евроинтеграција на Македонија или ќе следуваат нови услови?
Ваквиот заеднички чекор би бил израз на политичко единство и одговорност кон државните и националните интереси. Доколку оценат дека е посоодветно, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ можат заеднички да ја преземат оваа иницијатива и без учество на останатите политички партии.
Единствена Македонија смета дека дури и евентуален неодреден, дипломатски или изостанат одговор од бугарска страна би претставувал важен политички сигнал кој ќе помогне да се расчисти дилемата што со години ја оптоварува македонската јавност – дали уставните измени се последниот услов или само вовед во нови барања.
Со испраќањето на ваквото писмо би се направил важен чекор кон добивање појасна политичка слика за идниот тек на македонскиот евроинтегративен процес.
Доколку не биде приофатена иницијативата на Единствена Македонија, ја информираме јавноста дека партијата самостојно ќе му пише на Радев.
ПРИЗНАНИЕ ОД ПРЕМИЕРОТ Нема промена на преговарачката рамка за Македонија


