НОЌ НА ВИСТИНАТА Хрватска игра за опстанок, вечерва се крои нокаут-фазата на Мундијалот
Последните шест натпревари од групната фаза ќе ги дадат сите патници во нокаут-фазата, а најголемото внимание е насочено кон пресудниот дуел меѓу Хрватска и Гана.

Вечерва и ноќеска по македонско време ќе бидат одиграни последните шест натпревари од третото коло на Светското првенство 2026, по што ќе биде комплетирана групната фаза и конечно ќе се формираат сите двојки за шеснаесетфиналето.
Најголемо внимание привлекува пресметката меѓу Хрватска и Гана во Групата Л, меч што практично ќе одлучува за пласманот во нокаут-фазата. Финалистот од Мундијалот во 2018 година и третопласираната селекција од Катар 2022 се најде во незавидна позиција и мора да победи ако сака без калкулации да остане во трката за титулата.
По поразот од Англија, Хрватите се вратија со минимален триумф над Панама (1-0), благодарение на голот на Анте Будимир, додека капитенот Лука Модриќ го одигра својот јубилеен 200-ти натпревар во националниот дрес.
Гана, пак, има бод повеќе и по победата над Панама и ремито со Англија (0-0), вечерва ќе биде задоволна и со нерешен резултат. Африканците повторно ќе бидат без првиот голман Лоренс Ати Зиги, кого успешно го заменува Бенџамин Асаре, додека селекторот Златко Далиќ на располагање има комплетен состав.
Во вториот натпревар од групата Англија против Панама ќе се обиде да го завери првото место. Тимот на Томас Тухел стартуваше убедливо против Хрватска (4-2), но потоа беше запрен од цврстата одбрана на Гана (0-0). Победа против Панамците ќе им обезбеди најдобра стартна позиција пред елиминациската фаза.
Натпревари – Група Л (23:00)
Филаделфија: Хрватска – Гана
Њу Џерси: Англија – Панама
Табела:
- Англија – 4
- Гана – 4
- Хрватска – 3
- Панама – 0
Во Групата К, најинтересен ќе биде дуелот меѓу Колумбија и Португалија, кој директно ќе го одреди победникот во групата.
Колумбија има максимални шест бода по победите над Узбекистан (3-1) и ДР Конго (1-0), па бод ќе ѝ биде доволен за да остане лидер. Португалија, пак, по ремито со ДР Конго, експлодираше против Узбекистан (5-0) и со победа ќе го преземе првото место.
Во центарот на вниманието повторно ќе биде Кристијано Роналдо, кој со двата гола во претходното коло стигна до неверојатни 975 погодоци во професионалната кариера. Португалците имаат речиси комплетен состав, додека кај Колумбија под знак прашалник е настапот на Луис Суарез, кој се мачи со повреда на рамото.
Натпревари – Група К (01:30)
Атланта: ДР Конго – Узбекистан
Мајами: Колумбија – Португалија
Табела:
- Колумбија – 6
- Португалија – 4
- ДР Конго – 1
- Узбекистан – 0
Во Групата Ј единствената дилема е кој ќе ѝ се придружи на Аргентина во нокаут-фазата.
Светскиот шампион веќе го обезбеди првото место со две победи, па селекторот Лионел Скалони најавува ротации против Јордан. Поради повреда нема да настапи Кристијан Ромеро, а Лионел Меси најверојатно ќе остане на клупата и ќе добие минутажа само доколку биде потребно.
Јорданците, кои дебитираат на Мундијалите, ги загубија шансите за пласман по двата пораза, но ќе се обидат достоинствено да го завршат настапот.
Во исто време Австрија и Алжир ќе водат директна борба за второто место и билетот за шеснаесетфиналето.
Натпревари – Група Ј (04:00)
Канзас Сити: Алжир – Австрија
Далас: Јордан – Аргентина
Табела:
- Аргентина – 6
- Австрија – 3
- Алжир – 3
- Јордан – 0
По завршувањето на овие шест натпревари ќе биде комплетирана групната фаза на Светското првенство 2026, а ќе станат познати и сите двојки за шеснаесетфиналето, со што официјално ќе започне елиминацискиот дел од турнирот.


