ЌЕ ПЛАЌАМЕ ЛИ ПОВЕЌЕ ЗА ИМОТ Скопје воведува нова формула за даночење
Од Град Скопје велат дека решенијата се веќе подготвени, а застојот е поради проблеми со поштенската достава.

Граѓаните реагираат поради доцнењето на доставата на решенијата за данок на имот за 2026 година, но од Град Скопје уверуваат дека документите се веќе изготвени и дека причината за застојот не е во подготовката, туку во проблемите со повторното воспоставување на доставата преку „Македонска пошта“.
Од градската администрација велат дека решенијата се подготвени и ќе бидат испратени веднаш штом се обнови постапката за поштенска дистрибуција.
„Нема никакво доцнење во изработката на решенијата. Тие се подготвени, а доставата ќе започне во најкраток можен рок“, информираат од Град Скопје.
Во јавноста, пак, се отворија дилеми дали причината за доцнењето е поврзана со најавената промена на методологијата за пресметка на данокот на имот и можноста за повисоки даночни обврски.
Градските власти најавуваат реформа на системот за оданочување, со која данокот во иднина би се пресметувал според реалната пазарна вредност на недвижностите. Според нив, сегашниот модел создава неправедности, бидејќи имоти со иста квадратура често имаат сличен данок, иако нивната пазарна вредност значително се разликува. Како пример ги посочуваат општините Центар и Карпош, каде што во последните години цените на становите значително пораснале.
„Пред неколку години квадратен метар во Центар се продаваше за 1.500 до 1.600 евра, а денес цените надминуваат 2.500 евра. Не може имот купен за 3.000 евра по квадрат да се оданочува како да вреди 1.500 евра“, велат од Град Скопје.
Новата методологија ќе се базира на податоци од купопродажните договори и просечните цени на недвижностите во секоја општина. Процесот на повторна процена најпрво ќе започне во општините Центар и Карпош, каде што, според градските анализи, има најголеми разлики меѓу реалната вредност на имотите и даночната основа. Податоците ќе се вкрстуваат со Агенцијата за катастар на недвижности и други институции, со цел да се добие попрецизна евиденција. Од Град Скопје очекуваат дека целосното спроведување на новиот модел ќе донесе значително зголемување на приходите од данокот на имот, односно повеќе од 30 милиони евра годишно.
За правните лица доставата е поедноставена, бидејќи решенијата се испраќаат електронски. Од Градот велат дека најголем дел од компаниите веќе ги добиле своите решенија преку електронска пошта, што ја забрзува постапката и ги намалува административните трошоци. Во иднина, планот е електронската комуникација да стане главен начин на доставување на даночните документи и за граѓаните. Според градските власти, испраќањето едно решение преку пошта чини околу 100 денари, што претставува значителен трошок кога станува збор за десетици илјади пратки.
Покрај промените кај данокот на имот, Град Скопје ја врати и комуналната такса за фирмите позната како фирмарина на претходното ниво. Наместо досегашните 4.000 денари годишно, компаниите повторно ќе плаќаат 8.000 денари, колку што изнесуваше таксата пред пандемијата. Од Градот објаснуваат дека намалувањето било привремена мерка за помош на стопанството за време на ковид-кризата, а со враќањето на старото ниво и со новата методологија за данокот на имот се очекуваат дополнителни средства во градскиот буџет. Средствата, според најавите, ќе бидат насочени кон комунални услуги, инфраструктурни проекти и подобрување на функционирањето на градот.


