ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА ПОВТОРНО ПРЕД СУД На маса докази за штета од 596 милиони денари
Груби и Бајрами меѓу обвинетите – Обвинителството денеска продолжува со изведување на материјалните докази.

Со изведување на материјалните докази предложени од Јавното обвинителство денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжува судењето за предметот „Државна лотарија“.
Меѓу обвинетите се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами.
На претходното рочиште Обвинителството презентираше обемна документација поврзана со основањето на заедничко друштво со странски партнер, владините одлуки и финансиските трансакции поврзани со набавката на видеолотариски терминали (ВЛТ).
Како материјални докази беа изведени Програмата за работа на АД „Државна лотарија“ за 2023 година, договор за дело, како и мислење од овластен проценувач за вредноста и исплатливоста на вложувањето во видеолотариски терминали.
Пред судот беше презентирана и информација доставена до Генералниот секретаријат на Владата за потребата од самостојно приредување електронски игри на среќа, заедно со анализа на пазарот.
Обвинителството се осврна и на документацијата од 158-та седница на Владата, одржана на 6 јуни 2023 година. Меѓу доказите се предлог-дневниот ред, стенографските белешки, записниците, владините заклучоци, одлуката за одобрување на работењето на Управниот одбор на Државната лотарија, како и мислењето на Министерството за финансии.
Дополнително, беа приложени девизни налози, банкарски изводи од Халк банка, аналитички картички за економските оператори „Еврогамес технолоџи“, „Синот“ и „Шпедиција МКД“, како и бројна документација поврзана со реализацијата на фактурите, сметките, испратниците и набавката на апаратите.
Покрај Груби и Бајрами, во предметот се обвинети и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.
Според обвинението, тие со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари.
Груби и Бајрами претходно беа во бегство, по што се вратија во земјава и им се предадоа на властите.
Сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар.

