ДРАМА ВО ЛШ – Голманот-херој Трубин ја однесе Бенфика во нокаут-фазата на ЛШ

Мурињо направи две измени без да знае дека е потребен уште еден гол за пласман

ДРАМА ВО ЛШ – Голманот-херој Трубин ја однесе Бенфика во нокаут-фазата на ЛШ
Фото: Принтскрин

Завршницата на мечот меѓу Бенфика и Реал Мадрид ќе се памети како една од највозбудливите и најнеобичните во историјата на Лигата на шампионите. Бенфика водеше со 3:2, додека Реал се бореше да израмни. Во судиското надополнување, Реал доби два црвени картони, кои му беа доделени на Асенсио и Родриго.

Тренерот на Бенфика, Жозе Мурињо, во 93-тата минута изврши две измени: извади двајца напаѓачи и на нивно место внесе еден дефанзивец и еден офанзивец. Но, само откако ги направи замените, му соопштија дека Бенфика треба да постигне уште еден гол за да обезбеди пласман во нокаут-фазата.

„Кога ги заменив со Антонио Силва и Фрањо Ивановиќ, немав поим дека 3:2 нема да биде доволно. Идејата ми беше да го затворам просторот пред нашиот гол и мислев дека тоа ќе биде доволно. Потоа од клупата ми кажаа дека ни треба уште еден гол. Искрено, се изнервирав и помислив зошто не ми го рекоа тоа неколку секунди пред да ги направам измените“, откри Мурињо.

Во 90+8 минута, Бенфика доби слободен удар, а Мурињо го испрати и голманот Трубин напред. И токму тој, необично, постигна гол за 4:2, обезбедувајќи победа и пласман во нокаут-фазата на ЛШ.

„Пред мечот им реков на играчите да ја задржат гордоста. Ако не се квалификуваме понатаму, барем да победиме. Би бил среќен и ако победевме, а испадневме. Знаев дека Трубин е способен да постигне гол. Пред неколку недели губевме од Порто, но оттогаш тој почна да тргнува во напад и речиси даде гол. Висок е, знам дека може. Ова е неверојатно за нашиот голман“, додаде Мурињо.

CATEGORIES
Share This