ДОНИРАЊЕТО ПОД НОВИ ПРАВИЛА Се подготвуваат поедноставни процедури и дигитализација на целиот процес

Измените треба да ги намалат административните бариери и да го олеснат користењето на даночните поттикнувања.

ДОНИРАЊЕТО ПОД НОВИ ПРАВИЛА Се подготвуваат поедноставни процедури и дигитализација на целиот процес
Фото: Принтскрин

Поедноставување на процедурите, полесно користење на даночните поттикнувања и дигитализација на постапките се меѓу клучните промени што треба да ги опфатат измените на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности.

Ова беше истакнато на јавната расправа организирана од Конект и Младинската асоцијација ИМКА Битола, со поддршка на Цивика мобилитас, на која учествуваа 65 претставници од институциите, граѓанскиот сектор, деловната заедница и други засегнати страни.

На расправата беа презентирани досегашниот развој на иницијативата за унапредување на Законот, искуствата на донаторите и граѓанските организации во неговата практична примена, како и предложените законски измени.

Учесниците ја нагласија потребата од создавање попредвидлива, поедноставна и потранспарентна регулатива, која ќе го олесни и поттикне донирањето во јавен интерес.

„Повеќе од петнаесет години се зборува за потребата од промени. Денес веќе знаеме што треба да се подобри. Ако граѓанин или компанија сака да донира за јавен интерес, постапката треба да биде јасна, едноставна и предвидлива. Поедноставувањето не значи помала контрола, туку подобар систем со помалку непотребна администрација и поголема транспарентност. Сега е важно процесот да продолжи и овие решенија да се преточат во закон“, изјави Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект и претседателка на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество.

Според Виктор Илиев, извршен директор на Младинската асоцијација ИМКА Битола, предложените измени би донеле придобивки за сите страни вклучени во процесот.

„Поедноставувањето на процедурите и отстранувањето на административните бариери ќе ги мотивираат компаниите и граѓаните повеќе да донираат, а организациите полесно да обезбедуваат средства за активности од јавен интерес. Затоа е важно процесот да не запре и законските измени да бидат усвоени во најкус можен рок“, истакна Илиев.

Посебно внимание на јавната расправа беше посветено на дигитализацијата на процедурите поврзани со донациите и спонзорствата. Претставници на Управата за јавни приходи ги презентираа функционалностите на системот за е-фактура и можностите за негово користење за поефикасни, побрзи и потранспарентни административни постапки.

Организаторите порачаа дека регулативата треба да создава услови што ќе го поттикнуваат донирањето и ќе овозможат поефикасни и потранспарентни процедури за граѓаните и компаниите.

„Да донираш е љубов, а законот треба да помага да се помогне“, порачаа организаторите.

Јавната расправа беше организирана во рамки на проектот „Промени за одржливост“, кој го спроведува Конект во партнерство со Младинската асоцијација ИМКА Битола, со поддршка на Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Мислењата изразени во рамки на настанот не нужно ги одразуваат ставовите на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас или организациите што го спроведуваат проектот.

CATEGORIES
Share This