ДОДЕКА СОФИЈА НАПАЃА, СКОПЈЕ МОЛЧИ Вчерашната бугарска офанзива од три страни не е случајна
Реакцијата следува по изјавите на бугарскиот патријарх, историчарот Ангел Димитров и европратеничката Рада Лајкова за македонскиот народ, јазик и црква.

Единствена Македонија, како политичка партија која своето делување го темели на заштитата и одбраната на националните интереси, со особено внимание ги следи последните настапи на официјални претставници и институции од Бугарија, кои според партијата претставуваат координирана кампања насочена кон негирање на македонскиот народ, јазик и духовно наследство.
Во текот на вчерашниот ден, повеќе бугарски јавни личности и институции настапија со ставови кои, според Единствена Македонија, имаат заедничка цел и оспорување на посебноста на македонскиот национален идентитет.
Бугарскиот патријарх Даниил говореше за „еден народ“, што беше протолкувано како алузија на бугарскиот карактер на македонскиот народ. Во исто време, бугарскиот историчар и копретседавач на Заедничката македонско-бугарска историска комисија, Ангел Димитров, оцени дека Охридската архиепископија е директен континуитет на средновековната Бугарска патријаршија, со што, според партијата, се негира историската и духовна посебност на Македонската православна црква. Дополнително, бугарската европратеничка Рада Лајкова од Брисел изјави дека македонската нација е „фалсификат“, а македонскиот јазик „дијалект на бугарскиот“.
Според Единствена Македонија, станува збор за усогласено дејствување од повеќе центри во Бугарија, со цел вршење политички и идентитетски притисок врз Македонија.
Партијата смета дека македонските институции погрешно реагираат со молк на ваквите изјави и дека долгогодишната политика на дефанзива и воздржаност не дава резултати. Наместо тоа, се оценува дека државата треба поактивно да ги користи историските, културните и меѓународно-правните аргументи во одбрана на македонскиот идентитет и национални интереси.
Од Единствена Македонија посочуваат дека Македонија ги има сите аргументи на своја страна и дека е неопходно тие да бидат претставувани преку поофанзивна и поодлучна надворешна политика.
Воедно, партијата изразува жалење што во земјата сѐ почесто се сведочат политички конфликти меѓу власта и опозицијата, наместо заедничко дејствување по прашања од национален интерес. Според нив, ова не е битка на поединци или политички лидери, туку прашање што се однесува на иднината на македонската нација и држава, за кое е потребно национално единство и заеднички настап.


