ДОБРИ ВЕСТИ ЗА ФИРМИТЕ ШТО ИМААТ СМЕТКИ ВО АЛТА БАНКА Укинато ограничувањето за новите приливи

Мерката од денеска важи и за компаниите, кои ќе можат без ограничување да ги користат новите приливи од други банки. Сепак, лимитите за електронско и мобилно банкарство остануваат на сила.

ДОБРИ ВЕСТИ ЗА ФИРМИТЕ ШТО ИМААТ СМЕТКИ ВО АЛТА БАНКА Укинато ограничувањето за новите приливи
Фото: Принтскрин

Правните лица кои имаат платежни сметки во „Алта банка“ АД Битола од денеска ќе можат без ограничување на износот да располагаат со новите приливи, доколку средствата се префрлени од сметки отворени во други банки или кај други даватели на платежни услуги, информира Народната банка.

Со оваа одлука се проширува можноста за користење на сопствените средства, па компаниите ќе можат во целост да ги користат новопримените пари кои пристигнуваат од други финансиски институции.

Од Народната банка потсетуваат дека истата можност веќе важи и за физичките лица. Тие можат неограничено да располагаат со новите приливи на своите сметки во Алта банка доколку средствата доаѓаат од платежни сметки во други банки.

Ова се однесува на сите видови приливи, вклучително и плати, пензии и социјални трансфери, доколку исплатувачите имаат сметки во други банки.

Клиентите не мора да отвораат нови сметки во други банки за да ги користат овие средства. Парите можат да ги користат во целосен износ преку електронско и мобилно банкарство, платежни картички или со подигање готовина на шалтерите на Алта банка.

Во функција остануваат филијалите во Струмица, Тетово и Прилеп, како и експозитурата во Скопје, во Трговскиот центар „Бисер“. Во овие експозитури клиентите можат да подигнуваат готовина во рамките на утврдените лимити, но и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други плаќања.

Сепак, за електронското и мобилното банкарство остануваат на сила досегашните ограничувања. Клиентите кои имаат платежни картички можат да располагаат со најмногу 15.000 денари неделно, додека за оние без платежни картички важи лимит од 20.000 денари во период од две недели.

Овие ограничувања се пресметуваат збирно за сите сметки на клиентот и за сите канали преку кои се вршат плаќања и повлекување средства.

Народната банка соопшти дека продолжува внимателно да ја следи состојбата во Алта банка и да презема мерки за олеснување на пристапот на клиентите до нивните пари, како и за обезбедување непречено функционирање на платежните услуги.

CATEGORIES
Share This