СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ДОАЃА ВО СОБРАНИЕТО ЗА СЛУЧАЈОТ АЛТА БАНКА Кој ќе понесе одговорност
Се очекува сослушување на претставници на раководството на банката, додека СДСМ бара интерпелација за гувернерот Трајко Славески.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе присуствува на продолжението на собраниската надзорна расправа за случајот со Алта банка, во кој се отвораат сериозни прашања за воведувањето администрација, постапувањето на Народната банка и одговорноста на надлежните институции.
Вториот дел од расправата во Комисијата за финансирање и буџет е закажан за денеска во 11 часот. Во фокусот ќе бидат причините поради кои Алта банка АД Битола беше ставена под администрација, проверките што ги спровела Народната банка пред да даде согласност за влез на нов инвеститор, како и институционалната одговорност за случувањата.
На расправата треба да бидат сослушани и преостанатите повикани лица, меѓу кои претставници на менаџерскиот тим, Управниот и Надзорниот одбор на банката. Претседателката на Комисијата, Сања Лукаревска, претходно информираше дека до вчера ниту едно од поканетите лица не го потврдило присуството, а дел од нив повторно биле на службен пат во периодот предвиден за расправата.
Случајот доби и дополнителна политичка димензија откако СДСМ поднесе интерпелација за гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Опозициската партија бара политичка одговорност за постапувањето во врска со влезот на Алта банка АД Белград во тогашната Стопанска банка АД Битола.
СДСМ бара одговори за проверките на инвеститорот, сопственичката структура, потеклото на капиталот, можните ризици за депонентите, како и критериумите врз основа на кои била дадена согласност за именување на Давор Мацура во Надзорниот одбор.
Во меѓувреме, Народната банка започна постапка за продажба на доминантниот акционерски пакет во Алта банка АД Битола, со цел да се обезбеди нов сопственик и стабилно функционирање на банката.
На продажба се понудени 372.742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот број акции, кои се во сопственост на Алта банка АД Белград – во стечај. Продажбата ќе се реализира преку Македонската берза според моделот „сè или ништо“, што значи дека акциите ќе мора да бидат купени како единствен пакет.
Првата аукција е закажана за 30 ноември, со почетна цена од 3.777 денари за акција. Доколку не се најде купувач, следните аукции ќе се одржат од 1 до 4 декември и на 7 декември, при што почетната цена ќе се намалува за 10 проценти при секоја следна продажба.
Инаку, надзорната расправа започна на 11 ноември. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ уште следниот ден побараа нејзино продолжување, а една недела подоцна беше утврден новиот термин – денеска, 25 ноември.
Со присуството на претседателката Сиљановска-Давкова, денешната расправа добива дополнителна тежина, додека јавноста очекува одговори за тоа како дошло до воведувањето администрација во банката, дали биле направени сите потребни проверки и кој е одговорен за преземените институционални одлуки.

