ДОБРА ВЕСТ ЗА ВОЗАЧИТЕ – Продолжуваат попустите до 18 мај
Мерките за намалено ДДВ и акцизи продолжуваат, дизелот останува со 18% ДДВ.

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека по, како што рече, тешки преговори со „Окта“, е продолжен договорениот попуст – два денари по литар за бензин и три денари за дизел. Мерката ќе важи до 18 мај, по што, како што наведе, ќе се разгледаат понатамошните чекори во зависност од состојбата на пазарот.
Во моментов остануваат во сила мерките за намалено ДДВ од 10 отсто за бензините со 95 и 98 октани, како и намалените акцизи. За дизел горивото ДДВ останува 18 проценти, а од понеделник се очекува ново поевтинување.
Тој изјави дека го проверуваат сознанието дека одредени компании кои го користат попустот вршат реекспорт на гориво во соседните земји, оценувајќи дека доколку тоа се потврди, таквата пракса е непотребна бидејќи границите се отворени и граѓаните од соседството можат слободно да точат гориво во Македонија.
Мицкоски истакна и дека, според податоци на ММФ, Македонија е меѓу водечките земји во Европа по мерки за заштита на стандардот на граѓаните, додавајќи дека домашните цени на горивата се значително пониски од оние во регионот.
Тој најави дека во наредните денови се очекуваат дополнителни промени на цените во зависност од движењата на пазарите и одлуките во соседните држави.
