ДО 20.000 ЕВРА ЗА СОПСТВЕН БИЗНИС Кој ќе може да ги добие парите
Оперативниот план за вработување 2026 стартува со буџет од 40 милиони евра, а најголема поддршка е предвидена за самовработување.

Оперативниот план за вработување за 2026 година официјално стапи во сила, откако доби зелено светло од Комисијата за заштита на конкуренцијата. За реализација на мерките се обезбедени 40 милиони евра, а дел од средствата од помалку користените програми се пренасочени кон мерките за самовработување и поддршка на невработени лица.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, информираше дека годинава се воведени нови можности со кои се проширува бројот на корисници и се зголемува финансиската поддршка за одредени категории граѓани.
Според него, младите до 29 години кои сакаат да започнат сопствен бизнис ќе можат да добијат грант до 10.000 евра, додека за лицата над 29 години максималната поддршка ќе изнесува до 7.000 евра. Дополнително, доколку двајца млади основаат друштво со ограничена одговорност, финансиската помош може да достигне и до 20.000 евра.
„За првпат се опфатени и младите повратници од странство, кои ќе имаат можност за дополнителни 10 проценти од износот на грантот. Така, младо лице до 29 години кое се враќа во земјава ќе може да добие до 11.000 евра за започнување сопствен бизнис“, посочи Ристески.
Новина во овогодишниот план е и условот за дел од најбараните мерки и кандидатите ќе мора да имаат завршено најмалку средно образование за да можат да аплицираат.
Од Министерството за економија и труд очекуваат преку мерките од Оперативниот план во 2026 година да бидат опфатени и вработени меѓу 5.500 и 6.000 лица. Јавниот повик за заинтересираните кандидати се очекува да биде објавен следната недела.
ОБЈАВЕНИ ДВА ОГЛАСИ ЗА САМОВРАБОТУВАЊЕ Поддршка до 10.000 евра за млади невработени


