ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

Политички преглед на денот, петок, 28 август 2026 година.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Фото: Национал

Политички преглед на денот, петок 28 август 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?

ВМРО-ДПМНЕ: За Филипче секоја нова можност за Македонија е повод за ширење паника во јавноста

Филипче и СДС изгледа имаат проблем со се што може Македонија да ја направи помодерна, посилна и поконкурентна држава. Немаат аргументи, па за секој нов проект следува истото сценарио на создавање хаос, ширење страв и паника и обиди јавноста да се убеди дека секоја промена е закана.

Филипче повторно излезе јавно со категорични ставови за евентуалната изградба на дата-центри во Македонија, како неговото мислење само по себе да е доволен аргумент. А можеби дополнително го нервира и фактот што иницијативата против дата-центрите во Пехчево не помина, затоа што зад неа стоеше нивен човек. Кога ни тоа не успеа, следуваше ново ширење паника во јавноста.

Македонија треба да се развива, да привлекува инвестиции, да создава модерна инфраструктура и да станува современа и богата држава. Тоа секако треба да се прави со почитување на законите, заштита на животната средина и највисоки стандарди за заштита на граѓаните.

Но за Филипче очигледно ни тоа не е доволно. Наместо факти, стручни анализи и аргументирана дебата, повторно има обиди секоја можност за развој да се претвори во нова причина за страв и паника. На Македонија и треба развој и визија, не политичката хистерија на Венко Филипче, секогаш кога нешто може да ја направи помодерна и посилна.

СДСМ: Стоилковиќ и Ратко Младиќ: Воениот злосторник како „генерал“ во Владата на Македонија

Иван Стоилковиќ, министер во Владата на Северна Македонија, до вчера заменик-премиер, денеска јасно покажа каде му е местото и кои му се вредностите. За него босанскиот српски лидер Ратко Младиќ – осуден за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото е величина и херој.

За него тој е „негов генерал“ среде Македонија. Ова е дел од поширока агенда: Вучиќ, руска агенда, кинески инвестиции, воодушевување од Кина… „Српскиот свет“ сега и во форма на почитување на воениот злосторник.

Наместо да гледаме кон иднината, кон Европа, кон демократско и просперитетно општество – ние се враќаме во деведесеттите, во политиката на Милошевиќ и војните. Министер во Владата на Мицкоски јавно велича човек осуден за геноцид во Сребреница. Тоа не е ниту личен став, ниту „културна разлика“. Тоа е директна порака: во оваа Влада има место за оние кои ги слават воените злосторници од најмрачните страници на балканската историја.

СДСМ најостро го осудува овој чин. За вакви како Стоилковиќ нема место во ниту една демократска, европска и цивилизирана влада. Мицкоски мора да одговори дали ова е официјален став на неговата Влада или личен испад на неговиот министер?

Граѓаните на Македонија не заслужуваат да имаат министер кој воениот злосторник го нарекува „мој генерал“. Наместо да гледаме кон демократските вредности, иднината, Европа и просперитетот, ние имаме министри во Владата кои ги величаат воените злосторници.

ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Не ги плашете граѓаните со рудниците, слушајте ја науката, еве што ја уништува Македонија

Единствена Македонија им го честита 28 Август Денот на македонските рудари, на сите рудари, нивните семејства и сите вработени во рударскиот сектор.

Рударството е една од темелните гранки на македонската економија и индустрија, а македонскиот народ има долга и богата рударска традиција. Со векови, а најмалку два века во современите индустриски услови, рударството е дел од економскиот и индустрискиот развој на Македонија. Тоа е факт кој не смее да се игнорира.

Единствена Македонија смета дека граѓаните не смеат да бидат манипулирани, заплашувани и доведувани во неоправдана атмосфера на страв секогаш кога се зборува за отворање или развој на рудници. Рударството само по себе не значи уништување на природата, ниту загрозување на животот и здравјето на луѓето.

Наместо ширење страв и дневнополитички манипулации, за рударските проекти мора да се слушаат науката, стручната јавност и надлежните институции, кои имаат обврска да ги проценат ризиците, безбедноста и влијанието врз животната средина.

Прашањето не треба да биде дали Македонија треба да има рудници, туку под кои услови тие можат безбедно да функционираат, со какви стандарди, со каква технологија и со каква контрола од страна на државата.

Единствена Македонија бара дебатата за рударството да се води со факти, научни анализи, стручни аргументи и јасни критериуми, а не со дневнополитички интереси, манипулации и ширење страв меѓу граѓаните.

Македонија има право да ги користи своите природни ресурси за економски развој, но тоа мора да се прави одговорно, транспарентно и во интерес на македонските граѓани.

И конечно, најважно – Македонија, македонскиот народ и државјаните на Македонија нема да бидат уништени ниту со рудници, Македонија е загрозувана од нешто сосема друго  од грабежот, криминалот, корупцијата и предавствата што се вршат цели 30 години.

На сите македонски рудари им посакуваме здравје, безбедност, достоинствена работа и успех!

Честит 28 Август  Денот на рударите!

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

CATEGORIES
Share This