ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

Политички преглед на денот, среда, 26 август 2026 година.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Фото: Национал

Политички преглед на денот, среда 26 август 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да не се фали со постапки на обвинител на СДС и ДУИ, да го потсетиме вакви одлуки му штетат на патот на Македонија кон ЕУ

Венко Филипче откако се врати од одморот на Егејот со неговиот другар Зоран Заев продолжи со истиот речник на лаги, манипулации. И неколку дена го слушавме како се фалеше што обвинителството непокренало обвинение за 19 модуларни болници, а во една од нив изгореа 14 пациенти.

Замислете Филипче се фали со дел од правосудството кое има два проценти доверба, конкретно обвнителството и обвинителот Ислам Абази, човек близок на ДУИ и СДС. Абази и овој пат, иако во заминување покажа дека се уште работи за газдите, СДС и ДУИ.

И кратко да потсетиме што направи овој пат обвинителот. Застана зад Филипче кој дозволил изградба на модуларните надвор од сите правила на законот за градење, мислел само на задоволување на личните и партиските интереси, не ги слушал стручњаците од Министерството за здравство.

Ваквите одлуки на обвинителот во заминување Абази, и носат штета на Македонија во она што значи владење на право, пат кон ЕУ. Оттука СДС и Филипче не треба да се фалат со вакви постапки кои практично и штетат на Македонија. Воедно клучно е да се има во вид дека во случај на евентуално нови докази може да има повторно постапка за истото дело.

СДСМ: Кој ќе ја плати струјата за дата-центрите – ќе има ли ново поскапување и дополнителен увоз?

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, предупреди дека огромната потрошувачка на електрична енергија од дата-центрите отвора сериозни прашања за цената на струјата, потребата од дополнителен увоз и дали воопшто ќе остане доволен капацитет за нови производствени капацитети.

„Овие дата-центри трошат огромен капацитет на струја. Дали тоа значи дека поради тоа што струјата ќе се троши повеќе, ќе поскапи? И дополнително на тоа, ќе зависиме од дополнителен увоз, пошто ова власт и тоа како добро е позната, имајќи предвид дека производствените капацитети во државата работат повеќе од било кога во историјата на земјата. И многу повеќе од било кога, ние сме сега зависни од увоз на струја од странство“, потенцираше Филипче на денешната прес-конференција.

Филипче посочи дека власта мора да одговори што ќе значи ваквата потрошувачка за цената на електричната енергија и за останатите корисници.

„Зарем не е легитимно прашањето што Македонија ќе прави со струјата којашто во еден дел целосно ќе биде искористена од тој дата центри, затоа што тие трошат многу струја, понатаму, што ќе се случи со цената на струјата? Дали тоа големо искористување ќе ја поскапи? Дали тоа значи дека има дополнителен увоз? Дали тоа значи дека нема да има капацитет за ништо друго да се направи во околина на дата- центрите поради тоа што тие користат многу струја, на пример, ќе може ли во околина на некој дата- центар да се изгради фабрика? И дали воопшто ќе има струја за тие фабрики?“, потенцираше Филипче.

ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Не рудниците, не дата центрите – еве што навистина ја уништува Македонија

Единствена Македонија најостро ги осудува дневнополитичките манипулации со кои јавноста се заплашува и се создава неоправдана атмосфера на страв околу отворањето рудници и изградбата на современи дата-центри во Македонија.

Наместо граѓаните да се манипулираат со политички пароли и сензационализам, потребно е да се слушаат науката, стручната јавност и институциите што се надлежни за проценка на ризиците, безбедноста и влијанието врз животната средина.

Македонија со векови има рударска традиција најмалку 200 години па не дојде до уништување на народот. Рударството е дел од економскиот и индустрискиот развој на државата и само по себе не значи уништување на природата или загрозување на луѓето.

Прашањето не треба да биде дали Македонија треба да има рудници, туку под кои услови тие можат безбедно да функционираат, со какви стандарди и со каква контрола од државата.

Истото важи и за дата-центрите. Тие не се некаква мистериозна опасност, туку инфраструктура на современото дигитално општество. Најразвиените држави во светот инвестираат милијарди во вакви центри затоа што дигиталната инфраструктура станува една од основите на модерната економија, технологијата, комуникациите и новите индустрии.

Не може Македонија да биде против секој нов рудник, секој дата-центар и секоја нова технологија само затоа што тоа политички некому му одговара. Ако постои ризик, тој треба научно да се измери, стручно да се процени и институционално да се контролира.

Единствена Македонија апелира јавноста да не подлегнува на политички конструкции со кои од секоја инвестиција се прави закана, а од секоја нова технологија опасност.  Единствена Македонија бара дебатата за рудниците и дата-центрите да се води со факти, научни анализи и стручни аргументи, а не со дневнополитички манипулации и ширење страв.

Конечно, најважно, Македонија, македонскиот народ и државјаните на Македонија нема да бидат уништени со рудници и дата центри, туку како резултат на грабежот, криминалот, корупцијата и предавствата што се вршат 30 години.

CATEGORIES
Share This