ЈАС ЌЕ БИДАМ ПРИВОТ Алиу откри како ќе се менува системот за органодарителство во Македонија

Со новите законски измени, секој полнолетен граѓанин ќе може преку „Мој термин“ да ја изрази својата волја за органодарување.

ЈАС ЌЕ БИДАМ ПРИВОТ Алиу откри како ќе се менува системот за органодарителство во Македонија
Фото: Принтскрин

Министерот за здравство Азир Алиу на јавната панел-дискусија за органодарителството, одржана во Гостивар, ги претстави мерките и политиките со кои Министерството работи на унапредување на системот за органодарителство во земјава.

Во своето обраќање, Алиу нагласи дека органодарителството не е само здравствено или политичко прашање, туку тема што бара човечност, доверба и општествена зрелост.

„Органодарителството го отвора едно од најважните прашања – дали и во најтешките моменти можеме да создадеме надеж за нечиј живот. За ова треба да се разговара дома, во училиштата, на универзитетите и меѓу лекарите и пациентите, а не првпат во болничките ходници“, порача министерот.

Тој истакна дека Министерството спроведува национална кампања за подигање на јавната свест, а во процесот се вклучени матичните лекари, образовните институции, пациентските здруженија и верските заедници. Паралелно се работи на зајакнување на трансплантациските тимови и воспоставување дигитална и правна рамка што ќе овозможи јасно и безбедно евидентирање на волјата на граѓаните.

Алиу информираше дека во Собранието веќе е доставен Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување, по скратена постапка.

„Со поддршката од власта и опозицијата испративме порака дека кога станува збор за спасување животи нема политички разлики. Целта е личната волја на граѓаните да биде појасно изразена, подобро заштитена и доследно почитувана“, рече министерот.

Предложените законски измени предвидуваат секој полнолетен граѓанин кај својот матичен лекар да може да се изјасни дали сака да биде органодарител. Дополнително, се проширува кругот на живи дарители до четврти степен на сродство, со почитување на сите етички, медицински и законски стандарди.

Изјаснувањето ќе се врши преку нов дигитален модул во системот „Мој термин“, со двојна верификација, а секој граѓанин ќе може во секое време да ја промени или повлече својата одлука.

„Со ова ќе ја почитуваме личната волја на секој човек, но и конечно ќе добиеме јасна слика колку граѓани сакаат да бидат органодарители и каде е потребна поголема едукација. Кога системот ќе биде функционален, јас ќе бидам првиот што ќе се регистрира како органодарител“, порача Алиу.

CATEGORIES
Share This