РОДИТЕЛИТЕ НА ЖРТВИТЕ ОД ПУЛС НА 46. МАРШ НА АНГЕЛИТЕ Побараа правда и фер судење
Семејствата реагираа на случувањата на последното рочиште, изразија поддршка за обвинителката Наташа Сарамандова и побараа гаранции за непристрасен тек на судската постапка.

Со порака дека нема да се откажат од барањето за правда, родителите и блиските на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ денеска го одржаа 46. „Марш за ангелите“ во Кочани. Од Паркот на револуцијата, учесниците во маршот повторно упатија критики за текот на судската постапка, оценувајќи дека случувањата на последното рочиште не ја зајакнале нивната доверба во правосудниот систем, туку дополнително ги мотивирале уште погласно да ја бараат вистината.
Особено реагираа на привременото отстранување од постапката на обвинителката Наташа Сарамандова, кое беше донесено на барање на адвокатите на дел од обвинетите.
„Наместо правда пред законот, дали е потребно да се вклучат странски организации и Стразбур? На последното рочиште не видовме борба за вистината, туку се уверивме колку лесно во судница вниманието може да се пренасочи преку расправии и реакции, наместо кон суштината на процесот“, порача Александар Наунов, татко на Надица Наунова.
Тој истакна дека напуштањето на судницата од страна на оштетените претставувало чин на поддршка за обвинителката Сарамандова и за обвинителскиот тим што го води случајот.
„Нема да се откажеме. Ќе го следиме секој чекор од постапката и секоја неправда. Ќе се бориме до последен момент за вистината“, нагласи Наунов.
Родителите поставија и јавно прашање дали во државата постојат институции што ќе обезбедат правилен и непристрасен тек на судењето, изразувајќи стравување дека процесот би можел да заврши со однапред договорен исход, политички или други влијанија и прикривање на вистината.
Пред Основниот суд во Кочани тие прашаа и како ќе се утврди вистината ако не бидат целосно презентирани доказите, како и дали начинот на нивното изведување покажува дека се откриваат сите пропусти и одговорности што довеле до трагедијата во „Пулс“.
„Маршот за ангелите“ продолжува како симбол на барањето за правда, одговорност и целосно расветлување на една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија.


