ДКСК АЛАРМИРА Со закон за „Скопје 2028“ се отвора простор за корупција
Антикорупционерите реагираат на предлогот за фондација која би била изземена од Законот за јавни набавки и бараат законското решение претходно да биде доставено на разгледување за корупциски ризици.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) реагира на најавата дека Собранието по скратена постапка ќе го разгледува и гласа предлог-законот за реализација на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“.
Предлог-законот е ставен на дневен ред на денешната собраниска седница. Според предложеното законско решение, Градот Скопје треба да основа посебна фондација која при спроведувањето на набавките нема да има обврска да го применува Законот за јавните набавки. Предлагачите образложуваат дека за реализација на проектот е потребен посебен модел на управување, кој ќе овозможи професионална и програмска автономија.
Од ДКСК, пак, предупредуваат дека носењето закони по скратена постапка со кои се заобиколува примената на системските закони е веќе препознаено како висок ризик од корупција.
„Обезбедувањето интегритет, законитост, транспарентност и отчетност при трошењето на јавните средства претставува основен предуслов за заштита на јавниот интерес и спречување на ризиците од корупција“, велат од Антикорупциската комисија.
Оттаму посочуваат дека секое законско решение со кое се исклучува или ограничува примената на системските закони, особено Законот за јавните набавки, мора да биде јасно, детално и убедливо образложено. Според ДКСК, притоа мора да се утврдат јавниот интерес, неопходноста и пропорционалноста на таквото исклучување, како и ефикасни механизми за спречување на корупцијата и злоупотребата на јавните средства.
ДКСК нагласува дека принципите на транспарентност, еднаков третман, слободна и фер конкуренција, економичност, отчетност, интегритет и ефективна контрола не смеат да бидат доведени во прашање, без оглед на институционалната форма преку која ќе се реализира проектот и неговото значење.
„Доколку законодавецот оцени дека е неопходно донесување на посебно законско решение за реализација на проектот, ДКСК укажува дека истото треба да ги содржи механизмите утврдени со Законот за јавните набавки кои гарантираат интегритет, законитост, транспарентност, економичност и јавна отчетност“, наведуваат од Комисијата.
Од Антикорупциска додаваат дека во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030 година, носењето закони по скратена постапка со кои се заобиколува примената на системските закони е препознаено како висок корупциски ризик. Поради тоа, ДКСК предложила мерки и активности за надминување на оваа практика. Дополнително, од ДКСК сметаат дека ваквите значајни законски решенија задолжително треба претходно да бидат доставени до Комисијата за разгледување од аспект на корупциските ризици.
Претходно и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата побара Собранието веднаш да ја запре постапката за донесување на законот и тој да биде доставен на разгледување до ДКСК. Од Платформата предупредија дека предложеното законско решение му дава широки дискрециони овластувања на градоначалникот на Скопје, што, според нив, отвора сериозен простор за корупција и злоупотреба на јавните средства.

