ДИЗЕЛОТ ПОЕВТИНУВА 4,5 ДЕНАРИ, БЕНЗИНОТ ПОСКАПУВА Еве ги новите цени од полноќ
РКЕ ја објави новата одлука - дизелот и екстра-лесното масло поевтинуваат, додека бензините поскапуваат за еден денар

Од полноќ стапуваат на сила новите цени на горивата, откако Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука за промена на малопродажните цени.
Најголема промена има кај дизелот, чија цена се намалува за 4,5 денари за литар, додека бензините поскапуваат за еден денар. Со новата одлука, максималните малопродажни цени ќе изнесуваат:
- Еуросупер БС-95 – 100 денари за литар
- Еуросупер БС-98 – 102 денари за литар
- Еуродизел (Д-Е V) – 100 денари за литар
Просечното намалување на малопродажните цени на нафтените деривати изнесува 1,06 отсто. Екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поевтинува за 3 денари за литар, па новата цена ќе биде 111,5 денари. Мазутот М-1 НС поевтинува за 0,196 денари за килограм и ќе се продава по 49,882 денари за килограм.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на светскиот пазар бележат различни движења. Кај бензините има просечно зголемување од 0,049 отсто, додека кај дизелот е регистрирано значително намалување од 6,734 отсто. Кај екстра-лесното масло намалувањето изнесува 4,936 отсто, а кај мазутот околу 1,630 отсто.
Владата денеска одлучи до 12 октомври да продолжи да важи мерката со која ДДВ-то за дизел-горивото е намалено од 18 на 10 отсто. Во новите цени е пресметано и намалувањето на акцизата за дизелот и бензините. Така, од полноќ возачите ќе плаќаат помалку за дизел, но повеќе за бензин.

