ДЕНЕС СЕ СЛАВИ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК – Еве што ќе се случува низ Скопје
Денот на македонскиот јазик официјално се одбележува од 2019 година, во чест на одлуката од 1945 година за усвојување на македонската азбука како официјално писмо.

Денот на македонскиот јазик 5 Мај денеска ќе биде одбележан со низа настани организирани од релевантни институции и академски кругови во земјава.
Свеченост ќе се одржи во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, каде поздравни обраќања ќе имаат директорката Елена Јованова-Грујовска, директорката на Семинарот за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, Кристина Николовска, како и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Во рамки на настанот, научниот советник Борче Арсов ќе одржи предавање на тема „Од црти и рески до кирилицата: патот на македонското писмо“.
Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ ќе го одбележи празникот со трибина посветена на современите состојби на македонскиот јазик, со акцент на неговата употреба во правните акти. На трибината ќе говорат повеќе универзитетски професори и експерти од областа.
Во Собранието, Комисијата за култура и туризам ќе одбележи значаен јубилеј 80 години од објавувањето на првата „Македонска граматика“ од Круме Кепески. На настанот се најавени обраќања од пратеници и универзитетски професори, кои ќе се осврнат на значењето на јазикот во образованието и неговиот развој.
Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) ќе го одбележи денот со работилница на тема „Дигитални јазични ресурси за македонскиот јазик“, насочена кон современите технолошки аспекти на јазикот.
Денот на македонскиот јазик официјално се одбележува од 2019 година, во чест на одлуката од 1945 година за усвојување на македонската азбука како официјално писмо. Претходно, на заседанието на АСНОМ во 1944 година, македонскиот јазик бил прогласен за службен јазик, а неговата кодификација била заокружена со донесувањето на првиот правопис на 7 јуни 1945 година.
