ДЕНЕС СЕ ОТВОРААТ КАРТИТЕ Кој успеа да се запише на УКИМ, а кој ќе мора да чека нов рок

Конечните ранг-листи за 23 факултети пристигнуваат денеска, а за примените уписот е на 3 и 4 септември.

ДЕНЕС СЕ ОТВОРААТ КАРТИТЕ Кој успеа да се запише на УКИМ, а кој ќе мора да чека нов рок
Фото: Принтскрин

Факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска ќе ги објават конечните ранг-листи на кандидатите примени во прва година за академската 2026/2027 година. Станува збор за резултатите од првиот уписен рок, кој се одржа на 18 и 19 август.

Запишувањето на примените кандидати ќе се реализира на 3 и 4 септември, додека вториот рок за пријавување е закажан за 10 и 11 септември. Третиот уписен рок ќе се одржи на 23 септември, на факултетите каде што ќе останат слободни места.

Според конкурсот, на 23-те факултети на УКИМ за новата студиска година беа предвидени вкупно 8.851 место за бруцоши. Од нив, 4.395 места се наменети за студенти во државна квота, 3.621 за редовни студенти кои ги кофинансираат студиите, а 835 за вонредни студенти.

Најмногу места и годинава има на Медицинскиот факултет – 950, Филолошкиот факултет – 805 и ФИНКИ – 800. Голем број студенти примаат и Економскиот факултет со 655 места, Филозофскиот со 635, Природно-математичкиот со 626, ФЕИТ и Машинскиот факултет со по 600, како и Правниот факултет со 555 места.

Студентите во државната квота при уписот плаќаат надомест од 200 евра во денарска противвредност. За студентите во квотата за кофинансирање, како и за вонредните студенти, школарината изнесува 400 евра.

За учество во уписот, кандидатите треба претходно да се регистрираат на www.upisi.ukim.mk и да ја пополнат електронската пријава преку iKnow-системот. Бројот што автоматски го добиваат при електронското пријавување треба да го внесат и во пријавата за запишување. Самото пријавување се врши во службата за студентски прашања на избраниот факултет.

Новата академска година на УКИМ треба да започне на 1 октомври.

УКИМ ОТВОРА УПИС Над 8.800 слободни места за идните бруцоши

CATEGORIES
TAGS
Share This