ДЕНЕС ПОЧНУВА МИСИЈАТА НА АНТОНИО КОШТА Го обиколува Балканот, што носи со себе
Антонио Кошта започнува петдневна турнеја низ Западен Балкан, Безбедноста и политичката стабилност меѓу главните теми на разговорите.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска започнува петдневна турнеја низ земјите од Западен Балкан, која ќе трае до 5 јуни. За време на посетата тој ќе оствари средби со регионалните лидери, а ќе биде и копретседавач на Самитот ЕУ – Западен Балкан, што ќе се одржи во Тиват, Црна Гора.
Од Делегацијата на Европската Унија во Скопје информираат дека во центарот на разговорите ќе бидат процесот на проширување на ЕУ, постепената интеграција на земјите од регионот, унапредувањето на регионалната соработка, како и прашањата поврзани со безбедноста и стабилноста.
Турнејата започнува денеска во Сараево. На 2 јуни Кошта ќе престојува во Тирана, по што ќе пристигне во Скопје, каде ќе има средба со премиерот Христијан Мицкоски. На 3 јуни е планирана посета на Приштина, а на 4 јуни тој ќе престојува во Белград. Регионалната посета ќе заврши во Црна Гора.
На 5 јуни, Кошта ќе копретседава со Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, кој е посветен на темата „Заеднички просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“.
