ДЕМОКРАТИТЕ ГО ТУЖАТ ТРАМП Бараат забрана за реклами платени со пари од даночните обврзници
Тужбата во Вашингтон ја обвинува администрацијата за незаконско користење буџетски средства за телевизиски реклами што го промовираат американскиот претседател.

Претставници на Демократската партија на САД денеска поднесоа тужба против американскиот претседател Доналд Трамп, барајќи од федералниот суд да ја спречи неговата администрација да користи средства од даночните обврзници за финансирање телевизиски реклами поврзани со кампањата.
Тужбата, поднесена од Демократскиот национален комитет (ДНК) пред федералниот суд во Вашингтон, ја обвинува администрацијата на Трамп за „флагрантно кршење“ на законската забрана за користење буџетски средства за публицитет или пропаганда, објави „Ројтерс“.
Спорните телевизиски реклами, кои го промовираат и го слават Трамп, се финансираат со јавни средства и започнаа да се емитуваат кон крајот на септември.
Нивното појавување предизвика остри реакции не само од демократите, туку и од дел од републиканците, кои исто така го доведоа во прашање користењето на средства од даночните обврзници за ваков тип рекламирање.

