ДЕКО ОД ПУЛС Поуди имот од 200.000 евра како гаранција за укинување на притворот

Одбраната предлага имотот да биде гаранција за неговото присуство во судската постапка по истекот на притворот на 3 октомври.

ДЕКО ОД ПУЛС Поуди имот од 200.000 евра како гаранција за укинување на притворот
Фото: Принтскрин

Дејан Јованов – Деко, сопственикот на дискотеката „Пулс“ во Кочани и првообвинет во судскиот процес за пожарот во кој загинаа 63 лица, преку одбраната понудил недвижен имот вреден околу 200.000 евра како гаранција дека ќе остане достапен за судот доколку му биде укинат притворот.

Според информациите објавени од „Слободен печат“, како гаранција е понуден целиот недвижен имот што е запишан на име на Јованов, а дополнително е вклучен и имот во сопственост на член на неговото семејство.

Одбраната со понудената гаранција бара Јованов да продолжи да се брани од слобода, со истовремено определување на мерки со кои би се обезбедило неговото присуство во текот на судската постапка.

Претходно, адвокатката на Јованов, Ивана Коцевска, најави дека одбраната ќе предложи гаранција во имот, заедно со дополнителни мерки на претпазливост.

Притворот на Јованов, според досегашните информации од судскиот процес, истекува на 3 октомври, кога ќе се наврши една година од неговото определување.

Конечната одлука дали понудениот имот и евентуалните дополнителни мерки се доволна гаранција Јованов да остане достапен за судот треба да ја донесе надлежниот суд.

Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ продолжува. Во пожарот што избувна на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

CATEGORIES
Share This