ЦРВЕН АЛАРМ ВО ГЕРМАНИЈА AfD ја надмина ЦДУ/ЦСУ, Мерц под огромен притисок
Канцеларот се соочува со внатрепартиски незадоволства и пад на довербата, додека крајнодесничарската AfD бележи историски раст во анкетите.

Притисокот врз германскиот канцелар Фридрих Мерц сè повеќе расте откако кадровските промени во владата предизвикаа незадоволство во неговата партија и отворија прашања за стабилноста и ефикасноста на неговиот кабинет. Слабеењето на поддршката за блокот CDU/CSU доаѓа во чувствителен период, пред покраинските избори во септември, на кои крајнодесничарската Алтернатива за Германија (AfD) се надева на историски успех.
Пратениците од конзервативниот блок во среда ќе гласаат за избор на Торстен Фрај за нов претседател на парламентарната група. Иако се очекува гласањето да биде формалност, евентуално послабиот резултат би можел дополнително да ја засили дебатата за позицијата на Мерц и неговото раководење со партијата. По тешката прва година на власт, CDU/CSU заостанува зад AfD во анкетите, додека расте незадоволството од владината политика. Крајнодесничарската партија дури има шанса за првпат да ја освои власта во една германска покраина.
Фрај ќе има важна улога во координацијата со коалицискиот партнер Социјалдемократската партија (СПД) и во спроведувањето на реформите што Мерц ги најави со цел заживување на германската економија. Сепак, рејтингот на самиот канцелар е на ниско ниво. Според последната анкета на RTL/ntv, само 15 отсто од граѓаните се задоволни од неговата работа, а поддршката меѓу гласачите на сопствената партија изнесува 49 проценти.
Анкетата покажува и дека AfD за првпат ги надминала конзервативците во оценката за тоа која партија е поспособна да ги решава проблемите со кои се соочува Германија.
„Настаните од последната недела сериозно го нарушија угледот на Мерц во рамките на ЦДУ“, изјави член на федералното раководство на партијата за „Ројтерс“.
Мерц, сепак, верува дека тензиите ќе се намалат до септември, кога Бундестагот ќе продолжи со работа, а новите министри ќе стапат на функција. Ситуацијата за германскиот канцелар е поинаква од онаа на неговата претходничка Ангела Меркел, која во текот на 16 години на власт често имаше поголема лична популарност од сопствената партија.
Иако позицијата на Мерц засега не е директно загрозена, бидејќи во партијата нема јасен наследник, притисокот врз него се зголемува. Според актуелните анкети, AfD е прва политичка сила со околу 27 проценти поддршка, додека блокот CDU/CSU падна на околу 21 процент – најниско ниво по последните федерални избори. Растот на AfD и падот на популарноста на владејачкиот блок го отвораат прашањето дали Мерц ќе успее да ја врати довербата кај германските гласачи пред клучните покраински избори.

