ЦАРИНИЦИТЕ НЕ МУ ПОВЕРУВАЛЕ Пријавил 60.000 евра, му пронашле двојно повеќе
При деталниот преглед на возилото биле откриени вкупно 124.250 евра, а непријавените 64.250 евра биле одземени.

Царинските службеници на граничниот премин „Табановце“ спречиле обид за нелегално внесување девизни средства во земјава, при што биле одземени 64.250 евра.
Случајот бил откриен при контрола на патничко возило со германски регистарски таблички, управувано од грчки државјанин. При влез во Северна Македонија, тој пријавил дека со себе носи 60.000 евра и приложил образец издаден при влез во Србија.
Поради сомневање во точноста на пријавената сума, царинските службеници, во соработка со полициски службеник од Фронтекс, извршиле детален преглед на возилото и багажот.
При контролата биле пронајдени вкупно 124.250 евра.
Согласно Законот за девизно работење, на патникот му биле вратени пријавените 60.000 евра, додека 64.250 евра, кои не биле пријавени, биле одземени.
Против грчкиот државјанин е поведена прекршочна постапка пред надлежниот суд.
Од Царинската управа информираат дека од почетокот на 2026 година се регистрирани 30 случаи на нелегален пренос на девизни средства. Во нив биле запленети 820.675 евра, 141.300 британски фунти и 35.000 австралиски долари.
Од Управата посочуваат дека резултатите се показател за засилените контроли и мерки за спречување на финансиски прекршоци на граничните премини.

