БУРНО ВО ИЗРАЕЛ ПО ИЗБОРИТЕ Ликуд бара поништување на резултатите, обвинителството најавува истрага
Главниот обвинител и државниот обвинител разгледуваат можност за кривична истрага за начинот на кој до полицијата биле доставени информациите за наводната изборна измама.

Израелската владејачка партија Ликуд, предводена од премиерот Бенјамин Нетанјаху, подготвува жалба против резултатите од парламентарните избори одржани на 27 октомври, обвинувајќи ги арапските партии Заедничка листа и Рам дека незаконски ја следеле излезноста на гласачите со користење дигитални средства.
Адвокатот на партијата, Илан Бомбах, за „Тајмс оф Израел“ изјави дека жалбата ќе биде поднесена во среда до Окружниот суд во Ерусалим, на последниот предвиден ден за оспорување на изборните резултати.
Од Ликуд тврдат дека со ваквото следење двете партии стекнале неправедна изборна предност, иако Високиот суд на правдата претходно ја забранил таквата практика. Партијата воедно побарала од судот дополнителни седум дена за поднесување на жалбата, образложувајќи дека станува збор за обемен предмет за кој е потребно повеќе време за анализа и презентирање на доказите.
Оспорувањето на изборите доаѓа и покрај тоа што Централната изборна комисија веќе ги потврди официјалните резултати. Ликуд, сепак, ги доведува во прашање изборните процедури уште од самиот изборен ден.
Случајот добива дополнителна димензија откако израелскиот главен обвинител Гали Бахарав-Миара и државниот обвинител Амит Ајсман најавија разгледување на можноста за покренување кривична истрага за начинот на кој информациите за наводна изборна измама биле доставени до полицијата од канцеларијата на премиерот пред изборите.
Двајцата обвинители побарале од полицискиот комесар Дани Леви да ја прекине полициската истрага за случајот сè додека не се координираат со обвинителските институции и не се утврди нејзиниот понатамошен тек.
„Сите релевантни аспекти на овој случај ќе бидат истражени“, соопштил портпаролот на канцеларијата на главниот обвинител, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Така, спорот околу изборните резултати се проширува и на прашањето за можни незаконски изборни практики, но и на начинот на кој владините институции постапувале со информациите за наводната измама.

