БУГАРИЈА СЕ КРЕНА НА НОЗЕ ЗА ИВА МИХАЈЛОВА Шест пратеници доаѓаат на рочиштето во Кочани
23-годишната Македонка со бугарско државјанство е обвинета за сообраќајна несреќа во која едно лице загина, а таа самата се здоби со тешки повреди.

Бугарските институции и политичари повторно го актуелизираат случајот со македонската државјанка Ива Михајлова, која поседува и бугарско државјанство и се декларира како Бугарка по потекло. Во Софија случајот веќе се споредува со познатиот случај на Спаска Митрова, а бугарските власти најавуваат и дипломатски активности.
Во Кочани денеска се одржува ново рочиште во постапката против 23-годишната Михајлова, која е обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, по сообраќајна несреќа што се случила во октомври 2025 година во штипскиот регион.
Во несреќата едно лице го загубило животот, а неколкумина биле повредени, меѓу кои и самата Михајлова. Таа ја отфрла вината и тврди дека несреќата не настанала по нејзина вина.
Според информациите што ги објавуваат бугарските медиуми, по започнувањето на истрагата на Михајлова ѝ биле одземени личните документи и ѝ било забрането да ја напушти Северна Македонија. Нејзиното семејство, во изминатите месеци, повеќепати барало дозвола таа да продолжи со лекувањето во Бугарија.
Михајлова тврди дека во несреќата претрпела сериозни повреди на ’рбетот, а нејзиното семејство смета дека потребниот третман не може да го добие во земјава. Од друга страна, два суда не ѝ дозволиле да ја напушти Македонија, образложувајќи дека постои опасност да побегне, како и дека соодветно лекување е можно да се обезбеди и во земјава.
Случајот предизвика реакции и од највисоките бугарски институции. Бугарската претседателка Илијана Јотова најави дека прашањето ќе го покрене пред генералниот секретар на Советот на Европа, додека бугарскиот премиер Румен Радев најави подготовка на протестна нота до македонските власти.
Во случајот се вклучи и бугарскиот парламент. Парламентарната Комисија за политиката кон Бугарите во странство ги задолжила бугарските пратеници да присуствуваат и да ги следат рочиштата. Според најавите, најмалку шест бугарски пратеници денеска ќе бидат присутни во судницата во Кочани.
Реакции има и од бугарската „Фондација Македонија“, која најави протест пред македонската амбасада во Софија во знак на поддршка за Михајлова и за, како што тврдат од организацијата, „луѓето со бугарски идентитет во Република Северна Македонија“.
Од фондацијата обвинуваат дека Бугарите во земјава биле „прогонувани, осудувани, напаѓани и апсени“ поради нивното национално определување. Овие квалификации се ставови на организацијата и не се потврдени како фактичка состојба.
Случајот го отворија и бугарски европратеници, кои побараа Европската комисија да го следи неговиот развој и да го земе предвид при оценувањето на напредокот на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Претходно, на 4 август, мајката на Ива Михајлова, Христина Михајлова, била сослушана пред парламентарната Комисија за политиката кон Бугарите во странство. Таа презентирала информации за сведочењата и експертизите во предметот, кои, според одбраната, одат во прилог на нејзината ќерка.
Во однос на лекувањето, според БТА, мајката навела дека семејството во последните десет месеци петпати побарало Ива да продолжи со лекувањето во Бугарија. Таа, исто така, тврдела дека на нејзината ќерка ѝ бил одбиен пристап до рехабилитација во Штип.
На денешното рочиште во Кочани се очекува да бидат сослушани експерти кои изготвиле две спротивставени експертизи поврзани со случајот. Одбраната и обвинителството остануваат на различни позиции околу одговорноста за сообраќајната несреќа, а конечната одлука ќе ја донесе судот.

