КАДЕ ИСЧЕЗНАА МАКЕДОНСКИТЕ ДЕЦА 433 паралелки помалку, 148 училишта празни
Македонија останува без илјадници ученици: бројот на првачиња драстично опаѓа.

Новата учебна 2026/2027 година во Северна Македонија започнува со значително намален број ученици, оптимизација на паралелките и привремено затворање на 26 подрачни училишта во руралните средини.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека во образовниот систем годинава ќе има 433 паралелки помалку – 222 во основното и 211 во средното образование.
Во моментов во образовниот систем има околу 238.000 ученици, од кои 174.000 се во основно и 64.000 во средно образование. Досега се запишани 14.952 првачиња и 16.932 ученици во прва година во средното образование. Конечните бројки ќе бидат познати по завршувањето на дополнителните уписни рокови.
Се намалува бројот на паралелки
Намалувањето на бројот на ученици доведе до оптимизација на паралелките, односно спојување на паралелки со многу мал број ученици. Јаневска посочи дека во дел од училиштата со години функционирале паралелки со само по еден или два ученика, па нивното обединување, според Министерството, треба да овозможи подобри услови за учење и социјализација.
„Не е тајна дека со години опстојуваат две паралелки со по два ученика на иста возраст и во исто училиште. Сега таквите ги обединивме, со што во образовниот систем ќе имаме 433 паралелки помалку годинава“, изјави министерката.
Од Министерството уверуваат дека оптимизацијата нема да значи отпуштање на редовно вработените наставници.
26 подрачни училишта без доволно ученици
Поради недостиг на ученици, привремено ќе бидат затворени 26 подрачни училишта, главно во руралните средини. Во дел од нив нема ниту едно запишано прваче, додека во други наставата ја посетувале само неколку ученици. Децата од овие училишта ќе продолжат да следат настава во најблиските поголеми училишни објекти.
Според податоците презентирани од Министерството, во земјава има вкупно 148 училишни објекти во кои во моментов нема ученици. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во учебната 2025/2026 година во редовното основно образование биле запишани 174.040 ученици, а во средното 67.540, или вкупно 241.580 ученици.
Лани во прво одделение биле запишани 17.921 ученик. Доколку се земат предвид досега запишаните околу 14.950 првачиња, годинава бројката би можела да биде намалена за околу 3.000 ученици.
Се прошируваат капацитетите на 14 училишта
И покрај намалувањето на бројот на ученици, Владата продолжува со инвестиции во училишната инфраструктура. Јаневска информираше дека во моментов се прошируваат капацитетите на 14 училишта, главно во скопските општини, со цел да се создадат услови за воведување едносменска настава.
Дополнително, најавено е дека уште 15 инфраструктурни проекти ќе започнат етапно да се реализираат во следните месеци.
За учениците со посебни образовни потреби се ангажирани 1.358 образовни асистенти во основното и 166 во средното образование. За учениците кои поради здравствени причини подолго време се на болничко или домашно лекување, овозможено е следење на наставата онлајн или индивидуална работа со наставник. Од Министерството велат дека учебниците се навреме дистрибуирани и веќе се доставени до училиштата.
ИЈЗ со препораки за безбеден почеток на наставата
Пред почетокот на учебната година, Институтот за јавно здравје упати препораки до учениците, родителите и училиштата за спречување на ширењето инфекции. Меѓу најважните мерки е редовното и правилно миење на рацете со сапун и вода најмалку 20 секунди, особено пред јадење, по користење на тоалет и по враќање од надвор.
ИЈЗ препорачува редовно проветрување на училниците, одржување на личната и просторната хигиена, како и покривање на устата и носот при кашлање и кивање. Се советува учениците да не споделуваат лични предмети, како шишиња за вода и прибор за јадење, а особено се нагласува важноста од навремена вакцинација според календарот за имунизација.
Поповолен училишен прибор до крајот на септември
За да се намалат трошоците за семејствата, Владата донесе мерки за намалување на цените на училишниот прибор, кои ќе важат до 30 септември. Трговците на големо треба да ги намалат цените за најмалку 10 проценти, додека кај трговците на мало намалувањето треба да изнесува најмалку 15 проценти.
Мерката ги опфаќа ранците, тетратките, блоковите, моливите, пенкалата, боичките, фломастерите, лепилата, ножиците, шестарите, дигитроните, папките и останатиот прибор потребен за почетокот на учебната година. Целта е да се ублажи финансискиот товар врз семејствата во периодот кога традиционално се прават најголемите набавки за учениците.

