УКИНАТО РЕШЕНИЕТО ЗА ЗАПИРАЊЕ НА ИСТРАГАТА ЗА МАЗУТ Обвинителството мора да ја продолжи постапката

Констатирани слабости во вештачењата, а ОЈО ГОКК доби дополнителни насоки за продолжување на постапката.

УКИНАТО РЕШЕНИЕТО ЗА ЗАПИРАЊЕ НА ИСТРАГАТА ЗА МАЗУТ Обвинителството мора да ја продолжи постапката
Фото: Принтскрин

Вишото јавно обвинителство Скопје го уважи приговорот на АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) против Наредбата за запирање на истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“.

Со одлуката се укинува наредбата со која беше запрена истрагата за кривичните дела злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство и перење пари, во предмет во кој се опфатени вкупно 13 физички и едно правно лице.

Вишото јавно обвинителство го задолжи Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да ја продолжи постапката, а на надлежниот обвинител му даде и дополнителни насоки за понатамошно постапување.

Од Вишото јавно обвинителство посочуваат дека биле констатирани слабости во вештачењата врз кои обвинителот од ОЈО ГОКК ја темелел одлуката за запирање на истрагата.

Оттаму бараат постапката да продолжи со утврдување на сите поединечни дејствија на осомничените, особено дали и кој презел директни дејствија или дејствија на помагање.

Во фокусот е и прашањето дали преку злоупотреба на наменски доделени средства од државниот буџет, а под изговор на користење на повластената законска основа од член 23 од Законот за јавни набавки, на едно од осомничените лица и неговото правно лице им била овозможена имотна корист од големи размери.

ОЈО ГОКК е задолжено да прибере и анализира дополнителни податоци од повеќе институции, како и да нареди нови вештачења.

Целта е, како што информираат од обвинителството, прецизно да се испитаат сите околности во предметот и да се утврди дали постои кривична одговорност кај осомничените.

CATEGORIES
Share This