БУЏЕТ ОД 7,2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ЗА 2027 ГОДИНА Планирани повеќе пари за плати, пензии и капитални инвестиции

Министерката најави дека нема да има зголемување на даноците, а во текот на месецот ќе биде издадена нова Граѓанска обврзница.

БУЏЕТ ОД 7,2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ЗА 2027 ГОДИНА Планирани повеќе пари за плати, пензии и капитални инвестиции
Фото: Принтскрин

Буџетот за 2027 година предвидува раст на средствата за плати и пензии, повеќе пари за судството и Јавното обвинителство, како и значителни средства за реализација на капитални проекти. Приходната страна е проектирана на 6,4 милијарди евра, додека расходите ќе изнесуваат 7,2 милијарди евра.

Ова го соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешниот брифинг со новинарите, посочувајќи дека приходите се планирани внимателно, имајќи ја предвид глобалната економска неизвесност. Капиталните инвестиции за следната година се планирани на околу 660 милиони евра, додека растот на даночните приходи е проектиран на 6,4 проценти.

За исплата на плати во јавниот сектор во 2027 година се предвидени 57,2 милијарди денари, односно околу 930 милиони евра. За пензиите ќе бидат потребни 158 милијарди денари, или приближно 2,57 милијарди евра. Од оваа сума, околу 62 милијарди денари ќе треба да се обезбедат од државниот Буџет за покривање на недостигот во пензискиот фонд.

Министерката најави зголемени издвојувања за повеќе сектори и проекти. Средствата за судската власт се зголемуваат за 19 проценти, а за Јавното обвинителство за 9 проценти. Зголемен е и буџетот за одбраната, за која се издвојуваат 2 проценти од бруто-домашниот производ.

„Два милиони евра се за амбулантни возила, 1,7 милијарди денари за набавка на автобуси за јавниот градски превоз, а за поддршка на компаниите преку Министерството за економија и труд и преку оперативниот план за вработување предвидени се 5,9 милијарди денари“, рече Димитриеска-Кочоска.

Министерката повтори дека во 2027 година нема да има зголемување на даноците, согласно ветувањето од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Во делот на даночната политика, како што посочи, се работи на подобрување на законската регулатива за повратот на ДДВ кон компаниите. Целта е да се унапреди постојниот систем и да се спречат можни злоупотреби.

Се водат разговори со бизнис-заедницата и се анализираат искуствата од европските и соседните земји, со цел да се подготви соодветно законско решение, особено во однос на роковите за поврат на ДДВ.

Според проекциите на Министерството за финансии, јавниот долг во 2027 година ќе достигне до 12,3 милијарди евра, што ќе претставува 59,7 проценти од БДП. За тековната 2026 година, пак, се очекува јавниот долг да изнесува 11,25 милијарди евра, односно 58,2 проценти од бруто-домашниот производ. Димитриеска-Кочоска најави и дека во текот на овој месец ќе биде издадена нова емисија на Граѓанска обврзница.

CATEGORIES
Share This