БРИСЕЛ И ДАДЕ ЗЕЛЕНО СВЕТЛО НА UNICREDIT ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ НА ГЕРМАНСКАТА COMMERZBANK Германија се противи на зделката од 45 милијарди евра
Одлуката е голем чекор за италијанската банкарска групација, која веќе две години се обидува да ја преземе германската банка.

Европската комисија без дополнителни услови го одобри планираното преземање на контролата врз германската Commerzbank од страна на италијанската банкарска групација UniCredit. Одлуката, објавена во понеделникот, 16 ноември 2026 година, отвора пат за една од најзначајните прекугранични банкарски трансакции во Европа, вредна околу 45 милијарди евра.
Брисел процени дека трансакцијата не предизвикува загриженост од аспект на конкуренцијата во Европската Унија. Со тоа е отстранета уште една важна регулаторна пречка за италијанската групација, чии планови за преземање на германската банка наидоа на силен отпор од нејзиното раководство и германската влада.
Од Европската комисија порачаа дека на Европа ѝ се потребни посилни банки кои ќе можат да конкурираат на меѓународните пазари, да го поддржуваат економскиот раст и полесно да се справуваат со економските потреси.
Според еврокомесарката за конкуренција Тереза Рибера, прекуграничните спојувања можат да им овозможат на банките поефикасно работење и поголема отпорност, но растот не смее да биде на штета на клиентите и конкуренцијата.
UniCredit веќе две години постепено го зголемува својот удел во Commerzbank и настојува да ја преземе контролата врз една од најголемите германски банки. Италијанската групација во текот на оваа година достави понуда за преземање на акциите, во рамки на стратегијата за реализација на зделката проценета на околу 45 милијарди евра.
Плановите на UniCredit предизвикаа силно противење во Германија. Commerzbank има значајна улога во финансирањето на германската економија, особено на малите и средните претпријатија, а германската влада е меѓу нејзините акционери. Преземањето наиде на отпор и од раководството на банката, кое се спротивставува на понудата на италијанската групација.
Одлуката на Европската комисија доаѓа откако Европската централна банка во октомври даде зелено светло за трансакцијата. На 16 ноември, одобрение даде и Одборот на гувернери на американските Федерални резерви. Сепак, тоа не значи дека преземањето е веќе завршено. UniCredit треба да ги исполни и преостанатите регулаторни услови, а групацијата очекува последното потребно одобрение да биде добиено до крајот на ноември.
Одобрувањето на трансакцијата испраќа важен сигнал за иднината на европскиот банкарски сектор. Европските институции сè поотворено ја поддржуваат прекуграничната консолидација, со цел создавање поголеми и финансиски посилни банки кои ќе можат да се натпреваруваат со големите американски финансиски институции.
Потенцијалното преземање на Commerzbank би ја зајакнало позицијата на UniCredit на германскиот и поширокиот европски пазар. Истовремено, случајот повторно го отвора прашањето за судирот меѓу европската идеја за интегриран финансиски пазар и националните интереси на земјите членки.
СЕ ПОДГОТВУВА БАНКАРСКИ ЗЕМЈОТРЕС ВО ЕВРОПА УниКредит сака да ја преземе Комерцбанк

