НЕМА ДА ОТСТАПАМ НИТУ САНТИМЕТАР ЗА МАКЕДОНИЈА Јотова го обвини Петков, тој најави судска пресметка

Во дебатата пред вториот круг од претседателските избори во Бугарија, Јотова го обвини поранешниот премиер дека сакал да ја промени бугарската позиција, додека Петков возврати дека токму неговата влада ја претворила во заедничка позиција на ЕУ.

НЕМА ДА ОТСТАПАМ НИТУ САНТИМЕТАР ЗА МАКЕДОНИЈА Јотова го обвини Петков, тој најави судска пресметка
Фото: Принтскрин

Кандидатката за претседател на Бугарија, Илијана Јотова, порача дека Софија нема да отстапи од договорените услови кон Македонија, обвинувајќи го поранешниот премиер Кирил Петков дека во 2022 година бил на чекор да ја предаде бугарската позиција. Петков ги отфрли обвинувањата како лаги и најави тужба, отворајќи нов политички судир во пресрет на вториот круг од претседателските избори.

Во предизборната дебата на Бугарската национална телевизија (БНТ), Јотова оцени дека бугарската позиција била спасена во последен момент, со интервенција на тогашниот претседател Румен Радев, кој сега е премиер на Бугарија.

„Во мое лице гледате човек кој нема да отстапи ниту сантиметар од договореното“, порача Јотова.

Таа тврди дека Скопје прави сериозни обиди да се тргнат настрана одредени протоколи поврзани со договорените услови. Се осврна на подготовката на францускиот предлог од 2022 година, кој стана основа за европската преговарачка рамка за Македонија, и тврдеше дека Петков не бил доволно запознаен со договореното и имал намера да ја промени бугарската позиција.

„Господин Петков беше со мене во Скопје и јас од прво лице можам да кажам како беше на секунда до тоа да ја продаде бугарската позиција“, изјави Јотова.

Според неа, тогашната бугарска влада соработувала со претставници на кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон за подготовка на предлогот, а институцијата претседател имала значајна улога во зачувувањето на бугарските барања.

Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков остро реагираше на обвинувањата и најави дека подготвува тужба против Јотова. Тој ја обвини кандидатката дека се обидува да го претстави како предавник на националните интереси, иако, според него, неговата влада постигнала значаен политички успех.

„За време на мојата влада успеавме бугарската позиција за Северна Македонија да стане заедничка позиција на целата Европска Унија. Госпоѓа Јотова се обиде овој неспорен бугарски успех да го претстави како национално предавство. Ова е лага што лесно може да се докаже“, изјави Петков.

Тој соопшти дека веќе се консултирал со правен тим за подготовка на тужбата.

Во дебатата, противкандидатот на Јотова, Андреј Ѓуров, застана во одбрана на тогашната влада и ја оспори тезата дека со прифаќањето на францускиот предлог бил загрозен бугарскиот национален интерес. Ѓуров, кој беше премиер на техничка влада и претходно претседател на пратеничката група на „Продолжуваме со промената“, потсети дека тогашните политички одлуки биле проследени со остри напади и обвинувања за предавство.

„Тогаш претрпевме многу напади и обвинувања дека се предава бугарскиот интерес. Сега, кога веќе го имаме францускиот договор, постфактум сите партии и во Европскиот парламент, а сега слушаме и од госпоѓа Јотова, безрезервно го поддржуваат“, изјави Ѓуров.

Тој оцени дека целта на тогашната влада била бугарските барања да станат дел од заедничката европска позиција, наместо да останат само билатерално прашање меѓу Софија и Скопје. Како еден од клучните елементи на договорената рамка го посочи внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија, што, според него, треба да овозможи заштита на нивните права.

Ѓуров ја критикуваше и улогата на претседателската институција во тогашниот политички процес, оценувајќи дека била користена како отскочна штица за извршната власт и дека придонела за политички поделби.

Освен за францускиот предлог, кандидатите разменија спротивставени ставови и за актуелните односи меѓу Софија и Скопје. Јотова оцени дека потпишувањето на Договорот за добрососедство не донело очекувано подобрување во односите со Македонија. Како главни проблеми ги посочи, според неа, говорот на омраза и нападите врз лица со бугарско потекло.

Таа го спомена случајот со Христијан Пендиков, наведувајќи го како пример за проблемите со кои, според неа, се соочуваат лицата што се изјаснуваат како Бугари во Македонија. Во своите оценки не го спомена случајот со Ива Михајлова. Јотова порача дека Бугарија ќе продолжи да инсистира на спроведување на договорените обврски и пред европските партнери.

„Ќе продолжиме да инсистираме и пред нашите европски партнери договорот и европските политики да бидат спроведени“, изјави таа.

Јотова и Ѓуров ќе се соочат во вториот круг од претседателските избори во Бугарија, закажан за 1 ноември. Прашањето за Македонија и спроведувањето на францускиот предлог повторно се најдоа во центарот на бугарската предизборна кампања.

CATEGORIES
TAGS
Share This