ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА КАКО ОД ФИЛМ – Уапсен платен убиец со оружје и лажен идентитет
Уапсен 42-годишен српски државјанин во заедничка акција на македонската и српската полиција.

Српски државјанин, идентификуван како С.М. (42), е лишен од слобода во Скопје во заедничка акција на македонската и српската полиција, под сомнение дека подготвувал платено убиство.
Според информации од српските медиуми, неговото откривање е резултат на подолготрајна координација и размена на податоци меѓу српската Управа за криминалистичка полиција (УКП) и Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија.
Осомничениот бил лоциран во објект во Скопје, каде при полициска акција биле пронајдени оружје и тактичка опрема. Меѓу запленетите предмети се пиштол „CZ“, воен нож и црна тактичка униформа.
Истрагата укажува дека тој нелегално ја преминал државната граница, а кај него била најдена и српска лична карта на друго лице, која наводно ја користел за прикривање на својот вистински идентитет.
Оперативните сознанија наведуваат дека С.М. е поврзан со организирана криминална група и дека пристигнал во Скопје со цел да изврши ликвидација.
Надлежните органи ја продолжуваат истрагата со цел да се утврдат можниот нарачател, мотивите и евентуалните соработници.
