БОЖИНОВСКА НАЈАВИ ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ ВО ЕНЕРГЕТИКАТА Еве што ќе почувствуваат граѓаните

Министерството работи на усогласување на енергетската регулатива со европското законодавство, но и на мерки за намалување на потрошувачката и трошоците за енергија.

БОЖИНОВСКА НАЈАВИ ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ ВО ЕНЕРГЕТИКАТА Еве што ќе почувствуваат граѓаните
Фото: Принтскрин

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, информираше дека Министерството интензивно работи на исполнување на обврските предвидени со Реформската агенда, со фокус на мерки и инвестиции што треба да донесат конкретни придобивки за граѓаните. На денешната средба бил разгледан досегашниот напредок во реализацијата на реформите, како и активностите што претстојат во енергетскиот сектор.

Божиновска посочи дека е забрзан процесот на усогласување на домашната енергетска регулатива со европското законодавство, што е еден од клучните чекори во процесот на европската интеграција на земјата. Во рамки на реформската агенда е предвидена и реконструкција и енергетска обнова на јавни објекти. Очекувањата се дека овие инвестиции ќе придонесат за намалување на потрошувачката на енергија, но и за пониски трошоци.

Како дел од реформските активности, Министерството работи и на воспоставување методологија за мерење на енергетската сиромаштија. Целта е идните политики да се креираат врз основа на релевантни податоци и реалните потреби на населението. Меѓу приоритетите се и забрзувањето на декарбонизацијата, спроведувањето мерки за праведна транзиција, подобрувањето на енергетската ефикасност и сигурноста на системот, како и интеграцијата на енергетските пазари.

„Ова е суштината на реформите – од стратешки документи до конкретни мерки што го менуваат енергетскиот систем и носат придобивки за граѓаните“, порача Божиновска.

Таа нагласи дека Министерството останува посветено на исполнувањето на реформските цели, со насока кон воведување европски стандарди во енергетиката, создавање посигурен и поефикасен енергетски систем и реализација на реформи чии резултати граѓаните ќе можат да ги почувствуваат во секојдневниот живот.

CATEGORIES
Share This