БИТОЛА ПОВТОРНО Е СВЕТСКАТА ПРЕСТОЛНИНА НА ФИЛМСКАТА КАМЕРА Браќа Манаки ги собра најголемите имиња

47. издание на фестивалот свечено отворено со „Златна камера 300“ за Дан Лаустсен, специјалното признание за Џеф Кроненвет и „Голема ѕвезда“ за Петре Арсовски.

БИТОЛА ПОВТОРНО Е СВЕТСКАТА ПРЕСТОЛНИНА НА ФИЛМСКАТА КАМЕРА Браќа Манаки ги собра најголемите имиња
Фото: Принтскрин

Битола од синоќа повторно е во знакот на филмот и филмската камера. На големата сцена на Центарот за култура свечено беше отворено 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, посветен на наследството на браќата Милтон и Јанаки Манаки – пионерите на филмската камера на Балканот.

На свеченото отворање присуствуваа претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова, градоначалникот на Битола Тони Коњановски, министри, пратеници, лауреати, филмски работници и бројни љубители на седмата уметност.

Фестивалот официјално го прогласи за отворен претседателката Сиљановска Давкова, која истакна дека „Браќа Манаки“ одамна ги надминал рамките на фестивал и прераснал во културна институција со меѓународен авторитет.

Две македонски остварувања во официјалната конкуренција

Годинава во официјалната конкуренција се 12 филмови, меѓу кои и две македонски остварувања. Според претседателката, фактот што со македонски филм се отвора, а со македонски филм се затвора фестивалот претставува признание и дополнителен импулс за развојот и меѓународната афирмација на домашната кинематографија.

Фестивалот започна со проекција на филмот „Скејтањето не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума, во кој кинематографер е Фредерик Нуаром.

Дан Лаустсен со „Златна камера 300“ за животно дело

Една од централните точки на свеченоста беше доделувањето на „Златна камера 300“ за животно дело на данскиот кинематографер Дан Лаустсен. Признанието му го врачи претседателката Сиљановска Давкова.

Лаустсен е двапати номиниран за Оскар и познат по препознатливиот визуелен стил во низа значајни филмски продукции.

„Присуството на Манаки во Битола пред сè е чест и привилегија за мене, но и специфичен естетски и интелектуален предизвик“, порача Сиљановска Давкова, говорејќи за значењето на фестивалот и наследството на браќата Манаки.

Џеф Кроненвет доби Специјална „Камера 300“

Специјалната „Камера 300“ за особен придонес кон светската филмска уметност му беше доделена на американскиот кинематографер Џеф Кроненвет.

Признанието му го врачи градоначалникот на Битола Тони Коњановски, кој потсети дека фестивалот е основан во 1979 година и со децении е еден од културните симболи на градот.

Коњановски истакна дека „Браќа Манаки“ го чува наследството на првите сниматели на Балканот, но истовремено создава културни мостови меѓу Битола и филмските автори од целиот свет.

Петре Арсовски со „Голема ѕвезда на македонскиот филм“

Традиционалната награда „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, која ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија, годинава му припадна на актерот Петре Арсовски.

Арсовски, кој повеќе од пет децении е присутен пред филмската камера, беше поздравен со силен аплауз. Наградата му ја врачи претседателката на ДФРМ, Марија Димитрова.

„Браќа Манаки“ ја продолжува приказната започната пред повеќе од еден век

Директорот на фестивалот Димитрија Доксевски потсети дека уште со појавата на камерата се родила желбата да се забележи животот, емоцијата и секојдневието и да се зачуваат спомените.

Градоначалникот Коњановски, пак, нагласи дека пред 121 година Јанаки и Милтон Манаки го насочиле својот објектив кон животот и со тоа трајно ја запишале Битола во историјата на балканската и европската кинематографија.

„Започнува магијата на филмот исткаена кадар по кадар, создавајќи приказни кои и оваа година ќе оживеат на големото филмско платно“, порача Коњановски.

Со свеченото отворање започна фестивалската програма која во наредните денови во Битола ќе ги собере филмските автори, кинематограферите и љубителите на филмот од Македонија и од светот.

Покровител на фестивалот е претседателката на Македонија, а неговата реализација е поддржана од Министерството за култура, Агенцијата за филм и Општина Битола.

CATEGORIES
Share This