БИТОЛА БЛЕСНА ВО РИТАМОТ НА СВЕТОТ Отворени „Илинденски денови“
Со 34 фолклорни групи од Македонија и странство, повеќе од 1.300 учесници и 77 настани, годинашното издание е најдолгото во историјата на фестивалот.
Со свечена церемонија вечерва во Битола беше отворено 56. издание на Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“, кој и годинава ги обединува фолклорот, традицијата и културите од Македонија и од целиот свет. Фестивалот започна со традиционалното фолклорно дефиле по Широк Сокак, каде стотици учесници од земјата и странство ги претставија своите народни носии, музика и традиционални игри. Фестивалските вечери продолжија на платото пред Офицерскиот дом со настапот на КУД „Илинден“ од Битола и изведбата на „Комитската легенда“.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, порача дека градот веќе две недели живее во знакот на фолклорот, традицијата, песната, играта, филмот и едукацијата, додавајќи дека годинашното мото „Точка на поврзување“ целосно ја отсликува мисијата на фестивалот.
„Со 77 настани, повеќе од 1.300 учесници и седум концерти на македонски уметници, Битола повторно станува центар на домашниот и светскиот фолклор, простор за дијалог меѓу културите и промотор на македонската традиција“, истакна Коњановски.
Тој им честиташе на организаторите за подготовката на фестивалот и го поздрави новиот визуелен идентитет, во кој се издвојуваат македонската и интернационалната народна носија, како и глуварчето – симбол на поврзувањето и културната размена меѓу народите. Фестивалот официјално го прогласи за отворен потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска. Таа нагласи дека преку „Илинденски денови“ пред меѓународната публика ќе биде претставен автентичниот македонски фолклор, препознатливите традиционални инструменти и карактеристичниот седумосмински ритам.
На годинашното издание ќе настапат 34 фолклорни групи и ансамбли од Македонија, САД, Венецуела, Порторико, Кина, Грузија, Холандија, Унгарија, Словачка, Грција и Шведска. Со 18 фестивалски денови исполнети со уметнички, научни и едукативни содржини, годинашното издание на „Илинденски денови“ е најдолгото во историјата на фестивалот, потврдувајќи ја неговата улога како значаен центар за зачувување, промоција и размена на фолклорното и културното наследство.

