23.075 КИЛОМЕТРИ БЕЗ СЛЕТУВАЊЕ „Ербас А350“ леташе повеќе од 24 часа и го воодушеви светот
Авионот полета од Мелбурн и по 24 часа и 24 минути слета во Тулуз, Франција, во рамките на амбициозниот проект „Санрајз“.

Компанијата „Ербас“ успешно го заврши тест-летот на специјално адаптираниот авион „А350-1000ULR“, кој помина повеќе од 24 часа без прекин во воздухот и привлече огромно внимание на јавноста. Авионот полета од Мелбурн, Австралија, а по 24 часа и 24 минути слета во Тулуз, Франција, на пистата во близина на производствените капацитети на „Ербас“. За време на летот, авионот поминал 23.075 километри без запирање.
Тестирањето претставува значаен чекор во рамките на проектот „Санрајз“ на австралиската авиокомпанија „Квантас“, чија цел е воспоставување на едни од најдолгите директни комерцијални патнички линии во светот. Проектот треба да овозможи патниците да патуваат директно меѓу Австралија и Европа, без потреба од преседнување.
„Квантас“ нарача 12 специјално модифицирани авиони „А350-1000ULR“, опремени со дополнително зголемен капацитет за гориво. Тие се дизајнирани да овозможат директно поврзување на источниот брег на Австралија со Лондон и Њујорк, со времетраење на летовите од околу 20 часа.
Според плановите, непрекинатите комерцијални летови на релацијата Сиднеј-Лондон треба да започнат во 2027 година.
Интересот за тест-летот беше огромен и на интернет. Од сервисот за следење летови Flightradar24 соопштија дека ова бил вториот најследен лет во историјата на нивните платформи, веднаш зад летот од 2024 година со кој беше пренесен ковчегот на покојната британска кралица Елизабета Втора. Со овој тест, „Ербас“ и „Квантас“ направија уште еден значаен чекор кон иднината на ултра-долгите воздушни патувања, во која патниците би можеле да поминуваат повеќе од 20 часа во авион, но без дополнителни преседнувања.

