БЕЗ „СИКТЕР КАФЕ“ СО МИЦКОСКИ Таравари ја напушта Владата, флетува со ДУИ

И покрај овие потреси, од Владата се уверени дека парламентарното мнозинство останува стабилно.

Арбен Таравари, лидерот на Алијанса за Албанците, без средба со премиерот Христијан Мицкоски го напушта владиниот брод, оставајќи простор за политичка соработка со ДУИ – партијата која досега ја критикуваше.  Министерите од Алијанса, велат од Владата, се очекува сами да си поднесат оставки.

„Не е предвидено да има состанок помеѓу премиерот Мицкоски и Таравари. Се очекува министрите кои беа дел од Алијанса за Албанците да си поднесат оставки. За ротација на ресори не е разговарано“, велат кратко од Владата.

Додека Владата останува дипломатски воздржана, поранешните партнери на Таравари од коалицијата „Вреди“ не бираат зборови во својата критика. Вицепремиерот и лидер на ВЛЕН, Изет Меџити, му порача на Таравари дека не се враќа кај народот, туку на „црната листа“, обвинувајќи го за предавство.

„Таравари не е херој, туку разочарување за секој Албанец – интелектуалец или обичен човек“, изјави Меџити.

Слично критичен беше и лидерот на БЕСА, Биљал Касами, кој најави дека трансферите на пратеници ќе бидат главна тема во следните денови. Тој не ја исклучува можноста за нови политички договори, вклучително и со ВМРО-ДПМНЕ.

„Во сериозни сме преговори со повеќе пратеници од албанската опозиција и други заедници“, рече Касами.

Заминувањето на Таравари ќе биде разгледано и на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму испратија порака дека не може да се биде дел од Владата, а во исто време да се преговара со ДУИ. Партијата демантира какви било договори за нов состав на Владата.

„Таравари никогаш не дискутирал за јазиците, балансерот или ЕУ интеграциите. Но, се интересирал за концесијата за паркинзите на Клинички“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Таравари вчера објави дека ја напушта Владата, критикувајќи ја за застојот во евроинтеграциите и маргинализацијата на Албанците. Иако потенцираше дека нема формален договор со ДУИ, не ја исклучи можноста за идна соработка во опозициски контекст.

„Во моментов немаме договор со ДУИ, но нормално е да има комуникација меѓу партии кои ќе се најдат заедно во опозиција“, рече Таравари, додавајќи дека сите пратеници на Алијанса остануваат со него.

И покрај овие потреси, од Владата се уверени дека парламентарното мнозинство останува стабилно. Единствениот предизвик би бил загубата на Бадентеровото мнозинство, но, како што најавуваат, тоа би се надоместило со нови пратеници од Европскиот фронт.

CATEGORIES
Share This