БЕЗ ПАРИ НЕМА ПРАВДА Обвинителот бара силни финансии од државата или не може борба со богатите криминалци
Аларм за слабости во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

„Сиромашно обвинителство не може да се спротивстави на богат криминалитет“, порача државниот јавен обвинител Ненад Савески на конференцијата „Од стратегија до пракса“ во Скопје, посветена на јакнење на комуникацијата меѓу Јавното обвинителство и јавноста.
Савески побара од извршната и законодавната власт да обезбедат посилна финансиска поддршка за институцијата, нагласувајќи дека без доволно ресурси не може да се очекуваат резултати на ниво на очекувањата на граѓаните во борбата против криминалот и корупцијата.
На настанот беше презентирана новата Комуникациска стратегија на Јавното обвинителство за периодот 2026-2028 година, како и Акциски план за нејзина имплементација. Целта, како што беше истакнато, е поголема отвореност кон јавноста, особено во предмети од висок јавен интерес, преку поактивна и понавремена комуникација.
Савески предупреди дека транспарентноста сама по себе не е доволна доколку институцијата нема услови за ефективно функционирање. Тој нагласи дека обвинителите работат со максимални напори, но дека системските резултати зависат од сериозна институционална и финансиска поддршка.
Во рамки на стратегијата, Обвинителството најави измени во упатствата за односи со јавноста, со кои јавните обвинители ќе имаат зголемена обврска проактивно да информираат за своето постапување, во рамки на законските ограничувања. Намерата е јавноста да биде информирана без да чека конкретни прашања од медиумите.
Савески оцени дека транспарентноста носи и поголема изложеност на критики, но нагласи дека тоа е неопходен дел од владеењето на правото. Тој ја цитираше Мајка Тереза, истакнувајќи дека чесноста и искреноста носат ранливост, но и дека тие вредности треба да бидат водилка во работата на обвинителството.
Пораката за потребата од поголема финансиска поддршка доаѓа во период на ниска доверба во правосудството и зголемени очекувања од јавноста за поефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата.
