БЕХТЕЛ И ЕНКА БАРААТ 1.200 РАБОТНИЦИ Отворени работни места и за оние без квалификации

Градежници, инженери, геодети и оператори на машини се бараат за Коридорите 8 и 10. Досега се ангажирани 1.800 лица, а новите вработувања треба да ја забрзаат изградбата на автопатите.

БЕХТЕЛ И ЕНКА БАРААТ 1.200 РАБОТНИЦИ Отворени работни места и за оние без квалификации
Фото: Принтскрин

„Бехтел и Енка“ бараат 1.200 нови работници за изградбата на автопатите од Коридорите 8 и 10, а заинтересираните ќе имаат можност да најдат работа преку саемот за вработување што се одржува во Прилеп.

Градежни инженери, геодети, оператори на градежни машини, квалификувани и неквалификувани работници – ова се дел од профилите што ги бара американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за да ја интензивира изградбата на автопатската инфраструктура во земјава.

Од компанијата најавуваат ангажирање на околу 1.200 нови работници, кои ќе бидат распределени на проектите од Коридорот 8, како и на изградбата на автопатот Прилеп – Битола од Коридорот 10.

Досега на проектите се ангажирани околу 1.800 лица, а со новите вработувања се очекува дополнително да се зголеми бројот на работници и да се забрза реализацијата на инфраструктурните проекти.

Покрај потребата од работна сила, од компанијата очекуваат новите вработувања да придонесат и за економски развој на регионот, како и за стекнување практични искуства и професионално усовршување на младите.

Во меѓувреме, околу 82 проценти од процесот на експропријација на земјиштето за проектот се завршени.

Според најавената динамика, првите 12 километри од автопатот Прилеп – Битола треба да бидат завршени во текот на следната година, додека целосната реализација на проектот е предвидена за 2029 година.

Саемот за вработување во Прилеп, преку кој се бараат нови кадри за интензивирање на градежните активности, ќе трае неколку дена.

CATEGORIES
Share This