БАКАРОТ НАД 14.000 ДОЛАРИ ЗА ТОН, А МАКЕДОНИЈА НЕ ЗАРАБОТУВА ОД ИЛОВИЦА Кој го плаќа застојот

Проектот може да донесе дополнителни 16.000 тони бакар годишно, но и натаму е во застој додека цените на металите растат.

БАКАРОТ НАД 14.000 ДОЛАРИ ЗА ТОН, А МАКЕДОНИЈА НЕ ЗАРАБОТУВА ОД ИЛОВИЦА Кој го плаќа застојот
Фото: Принтскрин

Бугарското рударство минатата година остварило производство вредно околу 2,2 милијарди евра, што претставува раст на приходите од 8 отсто во однос на 2024 година. Растот е постигнат и покрај тоа што физичкиот обем на производство се зголемил за само 1 процент, што покажува дека главен двигател на повисоките приходи биле зголемените цени на металите на светските берзи.

За споредба, македонското рударство продолжува да генерира производство вредно околу 250 милиони евра годишно. Од четирите активни металични рудници во земјава, само комплексот „Бучим-Боров Дол“ произведува бакар, со годишно производство од околу 8.000 тони.

Дополнителен потенцијал постои во проектот „Иловица“, каде што се предвидува годишно производство од околу 16.000 тони бакар во период од до 23 години. Проектот, сепак, засега е во застој.

Во услови кога цената на бакарот надминува 14.000 долари за тон, неискористувањето на овој потенцијал значи дека значаен дел од можните приходи од македонските минерални ресурси останува надвор од домашната економија.

Бугарскиот рударски сектор, во меѓувреме, продолжува да инвестира и во развој на кадарот. Бугарската рударска комора, по повод Денот на рударите на 18 август, истакна дека компаниите вложуваат во дуално образование, квалификација на работниците и создавање сопствени специјалисти.

Во бугарското рударство директно се вработени околу 17.500 луѓе, иако бројот на вработени е намален за приближно 5 проценти на годишно ниво. Во Македонија, пак, бројот на рудари е околу 4.000, што е речиси 8 проценти помалку во споредба со минатата година. Дополнителен проблем е недостигот од млад кадар – на студиската насока „металургија“ годишно се запишуваат само до шест студенти.

Претседателот на Бугарската рударска комора, Драгомир Драганов, за „Блумберг ТВ“ изјавил дека позитивните трендови продолжиле и во првата половина од 2026 година.

Според него, профитните маржи кај металните руди остануваат стабилни благодарение на високите светски цени на бакарот, златото и среброто. Извозот на минерални суровини надминал 2,5 милијарди евра, иако физичкиот обем на извозот се намалил за 24 проценти. Тоа, според Драганов, ја покажува силната зависност на секторот од движењето на цените на светските пазари.

Очекувањата за цела 2026 година се стабилни, со задржување на темпото од претходната година, потпомогнато од релативно високите цени на металите, индустриските минерали и градежните материјали.

Во услови на глобална трка за критични и стратешки минерали меѓу САД, Кина и другите големи економии, Европската Унија се обидува да го забрза развојот на сопствени рударски капацитети. Мерките се насочени кон скратување на административните процедури за концесии, забрзување на геолошките истражувања и поттикнување на стратешки проекти.

Драганов смета дека Бугарија има можност да премине од пасивен набљудувач во активен учесник во оваа трка. Според него, земјата има поволни геолошки услови, долгогодишна рударска традиција и компании кои работат според современи стандарди.

Како еден од главните предизвици тој ги посочува долгите административни процедури и регулаторните бариери при добивањето дозволи за истражување и експлоатација. Дополнително, рударството носи исклучително висок инвестициски ризик. Како пример го наведува последниот реализиран проект за метални минерали во Бугарија, на кој му биле потребни 17 години од почетокот на истражувањата до стартот на рударството.

Разликата меѓу Бугарија и Македонија покажува дека високите светски цени сами по себе не се доволни. За поголема економска корист од минералните ресурси потребни се нови инвестиции, брзи и предвидливи процедури, развој на стручен кадар и долгорочна стратегија за искористување на рударскиот потенцијал.

НАД 10.000 ТОНИ БАКАР ГОДИШНО Македонскиот потенцијал што се вклопува во европскиот план

CATEGORIES
Share This